Само еден ден по откривањето на венчалната колекција за есен 2015 во која е вметната нова верзија на моделот на свадбен фустан што Амал Клуни го носеше пред еден месец, во својата 82 година почина славниот американски дизајнер Оскар де ла Рента. Причината за смртта сè уште не е официјално соопштена, но многу веројатно е дека во прашање е последица на ракот кој му беше дијагностициран во 2006 година. Пред неколку дена беше соопштено дека дизајнерот Питер Копинг е назначен за креативен директор на модната куќа што го носи неговото име, а во годините по антисемитскиот скандал му даде можност на Џон Галијано да работи на една негова колекција, откако несреќниот британски креатот доби отказ во престижната модна куќа „Диор“.
Роден во Доминиканската Република во 1932 година, Оскар Аристидес де ла Рента Фијало тргнал за Мадрид, Шпанија, да студира сликарство, но завршил во ателјето на големиот Кристобал Баленсијага каде изучувал моден дизајн. Подоцна се преселил во Париз каде што работел за „Ланвин“ и „Балман“. Својата етикета ла лансирал во 1965 година. Популарноста ја стекна во 60-тите години кога почнал да дизајнира облека за Првата дама на САД, Џеки Кенеди, а во следните децении ќе соработува и со Ненси Реган и Хилари Клинтон, исто така сопруги на американски претседатели. Сегашната прва дама Мишел Обама и де ла Рента, како да беа во тивок судир последниве години, откако дизајнерот ја критизираше дека претпочита странски, а не американски дизајнери. Мишел Обама за првпат облече негова креација на почетокот на месецов, оддавајќи му почит и исполнувајќи му ја една од последните негови желби.
Креации на Оскар де ла Рента, „единствениот дизајнер од Третиот свет“, како што самиот велеше за себе, носеа членови на светските кралски семејства, дамите од високото општество и холивудските ѕвезди. оскар пстојано нагласуваше дека ги инкорпорира своите шпански корени во сопствените креации. „Ми се допаѓа светлината, бојата, сјајноста. Ми се допаѓаат работи полни со боја и вибрантност“, велеше Оскар. Познат беше по префинети вечерни тоалети со женствена силуета и богата употреба на цветен дезен. Негова база беше во Њујорк, на Менхетан, но често ја посетуваше родната Доминиканска Република каде што семејството има куќа, а во последните години беше окупиран со уредување на дворовите на своите имоти. (К.Т.)
Нема коментари