Модната етикета на дизајнерот Драган Христов „Лудус“ вчерва ќе ја претстави новата колекција XYYX, во рамките на настанот „Херои за еден ден, Навраќање кон три урбани артефакти на словенечките архитекти во Скопје“. Отворањето на изложбата и промоцијата на книгата „Херои за еден ден…“ е закажана за 20 часот, еден час подоцна е ревијата на „Лудус“. Иницијатори и креативни директори на интердисцлиплинарниот настан се архитектот Даниел Серафимовски и уметницата Нада Прља, основачи на независната културна агенција и галерија „SIA“ од Скопје.
Изложбата и публикацијата сe овозможени од амбасадата на Република Словенија во Скопје. Изложбата е дел од прославата на словенечкиот национален ден и на 25-те години независност на Република Словенија и е во рамките на Скопско лето 2016.
Со наслов XYYX, колекцијата на македонската етикета Лудус е составена од 20 парчиња изработени од високо квалитетни стопроцентно природни материјали како памук и ладна волна наменети за престојниот летен период. Боите во палетата се ограничени на црна и бела, а акцентот е ставен на скулптурниот пристап во моделирањето на парчињата. Тие се прочистени и минималистични, а мултифункционалоста е овозможена со прилагодувачки додатоци скриени во внатрешноста. Па така, машките асиметрични памучни кошули стануваат вечерни лежерни фустани со нагласен ремен на струкот, а асиметричните здолништа се всушност широки панталони со внатрешен раб. Овие парчиња ги надополнуваат неколку форми на накит кои додаваат акценти од сина боја на белата и црната.
По пат на интернет кастинг, преку социјалните мрежи Лудус дојде до модели кои претставуваат поинаков тип на убавина и ја прикажуваат разноликоста.
Интервјуто со Драган Христов за новата колекција XYYX може да го прочитате на овој ЛИНК.
Нема коментари