Уникатна колекцијата на керамички производи и други дизајнерски предмети за домот, изработени од македонската креаторка Лидија Георгиева, утре (среда) по 20 часот ќе бидат изложени во „Концепт 37“ во Скопје.
-Како составен дел од проектот „Диво и питомо“, ќе биде презентиран дизајнерски универзум, кој опфаќа не само моден дизајн, туку и фотеља, столица, параван, ѕидни декорации, колекција керамички производи. Како рефлексија на моментот кој го живееме денес, водечката инспирација е во овие две, навидум спротивставени емотивни состојби, а тоа е очигледно не само во дизајнот и стилот на креациите, туку и во самата изработка. Сè е изработено и рачно и индустриски во исто време-вели Георгиева.
Ова е прва керамичка колекција nа Георгиева, а воедно и прва со потпис на наш креатор. На керамичките парчиња e работено рачно и индустриски, има модели што се во комбинација со плексиглас и со инокс, а на некои од нив аплицирани се принтови со мотиви кои се препознатливи и во модните колекции на дизајнерката.
-Се работи за македонски производи од посебен карактер, односно освен тоа што се брендирани и уникатни, тие се интересни и поради тоа што кај нас досега ниеден моден дизајнер не дизајнирал керамика и home design. Дел од производите се изработeни во соработка со архитектонското студио Smart Living, со кои веќе една година разработуваме комерцијално успешен заеднички бренд – LG4SMART-вели таа.
Дел од креациите премиерно ги постави на годинашното издание на Неделата на дизајнот во Скопје, каде што покрај колекција од керамика изложи и парчиња мебел како: параван, ѕидни декорации, една поинаква интерпретација на познатиот модел на столицата „Јајце“, од Арне Јакобсен, како и колекција на машки маици со уникатни принтови.
Ова е прва соработка на Георгиева со кафулето што функционира како концептулен дизајнерски простор – „Концепт 37“, место каде што редовно има урбани уметнички случувања, промоции, изложби, дебати, мини-фестивали… Идејата на креаторката е настанот да биде своевидна интимна и рекласирана дружба, да дише во париска или њујоршка атмосфера. За убавиот амбиент ќе допринесе и свирката на скопската инди-рок група The John.
Изложбата е од продажен карактер.
Нема коментари