Еден од најуникатните бендови од Јужна Америка, чилеанскиот состав Föllakzoid ќе настапи на шестото издание на фестивалот за нова музика „Здраво млади“, што ќе се одржи на 4 јуни во Младинскиот културен центар. Групата ќе му се придружи на веќе најавениот, холувудски актер Илајџа Вуд кој во улога на диџеј во рамки на дуото Wooden Wisdom ќе настапи исто така на овој фестивал во Скопје.
Групата Föllakzoid почнала со работа пред седум години како трансерска авантура меѓу тројцата другари од најраното детство – Диего, Хуан Пабло и Доминго од Сантијаго, Чиле. Со огромни познавања за културното наследство од античката музика на Андите, овој бенд полека научил како да го усогласи ова влијание со современите звуци од нивното време, создавајќи богата, но истовремено и минималистичка атмосфера.
Во нивниот најнов албум, III, бендот сакал да го прошири и збогати звукот со создавање атмосфера главно со монохорди и со повторувања. Откако сами го снимиле и миксале албумот во нивното студио во BYM Records, тие соработувале со германскиот електронски маестро, Atom TM за да им дал душа на synth деловите во албумот. Повеќето од звуците што тој ги дал биле атонични електронски звуци, обидувајќи се да постигне цврсти фреквенции и семплувани органски гличови. Прв „газда“ на сајзерот Корг на кој свири Atom TM е Florian Schneider од Kraftwerk.
III е минималистичко звучно патување во четири дела во кое можете да слушнете како музичкиот јазик на Föllakzoid се развива во нешто пооптимистично, поопскурно и остро, а истовремено поедноставно во однос на елементите. Во текот на минатата година, бендот отсвире повеќе од 80 концерти, меѓу кои и на Primavera Sound Festival (и во Порто и во Барселона), на ATP Festival во Британија, Musique Volantes во Лион, и на Lollapalooza Chile. Концертите за најновиот албум III, го раширија нивниот замаглен госпел и на уште поширока публика. Издаваат за една од најактивните и најинтеренси издавачки куќи денес – њујоршката Sacred Bones Recоrds.
Нема коментари