Втората вечер на Моден викенд-Скопје за сезоната есен-зима 2015/16 финишираше со ревијата за новата колекција Touch of My Soul на дизајнерката Олгица Ѓоргиева. Во салата во Скопје Мериот Хотел претставувањето започна со танц на четири балерини, а следеше премиерата на модната колекција.
Дизајнерката нуди неколку решенија за жената што ги сака нејзините дизајни – секојдневни комбинации од здолништа, панталони и везени блузи, меѓу другото и бела маица со темата на колекцијата Touch of My Soul, како и вечерни креации во кои доминираат раскошни гоблен везови и светкави апликации. Како што вели самата креаторка, колекцијата е навраќање на сопствените корени, личниот стил на креирање, и употреба на техники и принтови кои биле користени од страна на нејзините претци, кои на пример ги користела нејзината баба. „Колекцијата е модерна верзија на мојот производ со длабоки корени на мојата историја“, вели таа. Во новите модели се навраќа на минимализмот, чистите форми и рачните доработки кои често ги внесува во својата работа. Нуди микс на материјали како свила и кадифе, ретро вез и модерни светкави камчиња, лежерност и свеченост. Неколку изгледи од колекцијата веќе најдоа обожаватели – црн, светкав комбинезон со тенки прерамки, потоа маслинесто зелени и широки панталони со везен корсет, како и елегантни плишани пантолони со горен дел во облик на 3Д-цвет. Ревијата на Ѓоргиева заврши со венчален фустан со кринолинеста форма и транспарентни набори како апликција. (К.Т. Фото: Ани и Дими)
Нема коментари