Инспирирана од самата техника на плетење, креаторката на рачно изработени модни додатоци и облека, Катерина Микрут, ја создала новата колекција наречена Knitted Solutions (плетени решенија). Дизајнерката, која твори под името Mikka Design, на 16 октомври со почеток во 20 часот ќе ги претстави креациите со изложба во скопското арт-кафе „Концепт 37“.
-Колекцијата Knitted Solutions по самиот концепт многу одговара на мене. Зависничка сум од плетењето, признавам, како и од други видови рачна изработка. Така да, самата техника е инспирацијата за нова колекција. Техниката се покажува како решение. Креациите докажуваат дека со плетење може да се постигне доста експериментален производ. Покрај традиционалните плетива, се појавуваат и модерни форми, тродимензионални и геометриски. Колекцијата е уште еден одговор дека плетењето носи неограничените можности за креацијата. Поради доминацијата на пастелните бои , линијата е наменета повеќе за наредната сезонапролет-лето 2015-вели таа.
Овој пат одлучила да направи колекција само со модните додатоци и накит. Сите парчиња ги карактеризира спој на рачната техника на плетење со модерни форми и експериментирање со други материјали. Овој пат ги користи проѕирните гумени материјали од различен вид, како и металните додатоци дири и штрафови. Ефектот на колекцијата е индустриски стил изведен со помош на „плетени решенија“. Во оваа колекција прв пат ќе се појават и чевли. Засега редизајнирани изведени веќе од постоечките.
Креациите се уникатни и не се ограничени, ниту водени од актуелните трендови.
-Тие што ја следат мојата работа, добро знаат дека трендовите немаат за мене поголемо значење. И овој пат не се ограничував со ништо додека ја подготвував колекцијата. Едноставно им дозволив на идеите да излезат. Исто така и овој пат претставените креации се наменети за жени кои се наоѓаат себеси во експериментирање со стилот, со облеката и додатоците, за кои личен стил е секојдневната уметност.
Парчињата од колекцијата ќе можат да се купат во „Концепт 37“. Наскоро ќе биде изработена и фотосесија и промоција на интернет.
Микрут веќе неколку години функционира во Старата скопска чаршија, каде што планира во скоро време да отвори нов продажен простор во соработка со МАТА, како и понатамошна соработка на проекти поврзани со рачна изработка- посебно плетењето.
-Се надевам дека заинтересираните наскоро ќе можат да посетат уште многу интересни работилници. Урбано плетење беше како вовед во нашата соработка.
Изминатиот период беше актуелна со работилниците за урбано плетење. МИнатиот месец во соработка со ArtiZan Craft Center одржа работилница за урбано плетење во Старата скопска чаршија . Целта на оваа едукативна дружба беше украсување на оградата кај Музеј на Македонија со рачно плетени фрагменти. Летово одржа успешна работилница во рамките на фестивалот ДримОН во Струга , во организација на „Инка“, каде што ги сподели своите искуства и идеи повезани со урбаното плетење. Резултат на работилницата беше исплетената бандера, што го реализира заедно со учесниците на работилницата пред Домот на културата во Струга.
-Многу ме воодушеви идејата да се украсува јавен простор со плетење. Работилници кои ги одржав во Струга и во Старата скопска чаршија ми продонесоа многу задоволство и исполнување. Сепак, потребно е уште мноу работа оваа идеја да се промовира во Македонија. Јас секако би украсила секое ќоше во градот со плетените парчиња-вели таа.
Урбаното плетење (urban knitting) е популарно ширум светот, а неговите поцетоци датираат од 2005 година. Движењето го започнало Магда Сејер од Хјустон, која ги обработува сообраќајните знаци СТОП со плетени парчиња за да го разубави јавниот простор во градот во кој доминираше сивило. Од таму урбаното плетење се прошири низ другите градови во САД, па стигна и до Европа. Главната цел на оваа форма на улична уметност е разубавување на градското сивило, иако се случува волнените графити да се изработуваат и во други цели, на пример за да привлече внимание кон конкретни општествени проблеми. Исто така преку урбаното плетење се поставува прашање за користење на јавниот простор.
Катерина постојано нешто создава.
Вели дека „има 100 идеи на час и многу ограничени можности за реализацијата. Посебно временски“.
-Колку подолго работам на моите креации толку повеќе се отвараат можности за создавање и новите идеи. Морам да потсетам дека по струка не сум моден дизајнер, но секоја колекција ми донесува нови искуства и отвара нови предизвици за експериментирање, носи нови идеи. Едноставно не можам да се откажам и покрај прилично тешки услови да се живее од уметноста во македонските услови. За во најблиската иднина планирам мини колекција која ќе биде презентирана најверојатно во ноември или декември и ќе содржи неколку зимски креации и нова колекција за пролет- лето. Во таа сакам да ги вметнам и додатоците од колекцијата Кnitted Solutions. Исто така планирам во моите колекции да се појават и чевли кои ќе бидат изработени во соработка со Agon’s handmade- бренд позади кој стои Исмет Ајруллаху- вистински уметник во неговата професија-открива таа.
Катерина Микрут, која е родум од Полска, неколку години живее и твори во Македонија. Во меѓувреме го разви својот, веќе добро препознатлоив бренд Mikka Design, кој се заснова на рачна изработка на уникатни креации. Редовно учествува на поп-ап продавниците во нашата земја, а имавме можност да погледнеме нејзини креации и на Битолската модна недела и во рамки на Модниот викенд-Скопје.
Нема коментари