Последниот филм што го сними комичарот Робин Вилијамс пред својата смрт, „Луда ноќ во музејот: Тајната на фараонот“, доаѓа во скопските кина 27 декември. Американската комедија „Луда ноќ во музејот: Тајната на фараонот” воодушевува со зачудувачките визуелни ефекти и оваа зима носи многу забава во домашните кина. Третото продолжение на приказната за музејскиот чувар Лери (Бен Стилер) го сочинуваат мноштво авантуристички пресврти и акции во кои актерите се обидуваат да ја спасат магијата пред таа да исчезне засекогаш.
“Луда ноќ во музејот: Тајната на фараонот“ е продолжение на филмот од 2009 г. „Ноќ во музејот 2: Битката за Смитсонијан“, а првиот дел е снимен уште во 2006 г. Режисерот Шон Леви собра одлична актерска екипа – Бен Стилер, Робин Вилијамс, Овен Вилсон, Сер Бен Кингсли и многу други.
Во Американскиот природно-научен музеј доаѓа до страшни збрки и гужви. Ноќниот чувар Лери открива дека древната магична табла на фараонот Амон-Ра, благодарение на која неговите пријатели од музејот оживуваат, кородирала. Доколку не пронајде начин да ја поправи, сите ликови во музејот, почнувајќи од лавовите, мајмунот, слоновите, па сè до Кристофер Колумбо, минијатурниот каубој Џедедаја (Овен Вилсон) и неговиот подеднакво мал прКијател генералот Октавијан (Стив Куган), ќе се вратат во нивната нежива состојба во која претставуваат само обични восочни фигури во музејот. Спојувајќи нови и веќе познати лица, Лери тргнува на пат во британската претстолнина со одговорна задача и мисија да ја сочува магијата пред да биде доцна.
„Луда ноќ во музејот: Тајната на фараонот“ поради специјалните ефекти се најде на списокот на американската Академија за филмска уметност и големи се шансите токму филмот на Леви да се најде меѓу петте номинирани филмови на 15 јануари следната година.
Нема коментари