Богатиот фолклор во облеката од македонската културна ризница нуди мноштво инспирација, интензивни бои и шари, и геометриски форми кои неретко ги одушевуваат домашните модни креатори и ги мотивираат да ги вметнат во своите креации, но кога се интерпретираат во нови колекции потребно е да се стават во современ контекст. Таква современa интерпретација направи дизајнерката Антонија Ристовска и во новата колекција „Саја“ наменета за пролет-лето 2018 на суптилен начин вметна референци од македонските раскошни невестински носии. Во креирањето на колекцијата таа мислела на урбаните девојки од денешницата, а за пример ги зела своите две ќерки Елена и Ања, кои позираат во фотосесијата направена со фотографот Жарко Чулиќ во амбиентот на Македонска филхармонија. На Stylist.mk ја објавуваме фотосесијата премиерно, а повеќе за „Саја“ ни раскажа самата дизајнерка.
Годината ја завршувате со колекција инспирирана од македонскиот фолклор. Кажете ни нешто повеќе за проектот и конкретната инспирација…
-Поттикната од раскошот на невестинските носии што ја красел жената Македонка низ векови наназад, создадов колекција за современата жена. За колекцијата ме инспирираа мотиви од Очи од Зобан (елек), опрегач Јумаклија и мотиви од делови од Саја. Моите истражувања и инспирација е низ годините наназад така што овие детали од носиите ми биле забележани од порано. Ги земав како инспирација, како мотиви кои имаат геометрија во себе и кои преку графички дизајн може да се претворат во композиција што можеби на прв поглед нè асоцира на македонскиот фолклор, но со подетално разгледување на дизајните може да се забележи дека всушност ја носат онаа традиционална нитка од народните носии. Ова секако не е прв пат да се навраќам на нашето културно наследство во процесот на инспирација и создавање колекција. Некои од народните носии ги интерперетирав на модернистички начин во колекцијата „Родена“ (пролет-лето 2005), како и многу традиционални техники на изработка кои ги имам вметнато во повеќето колекции низ годините. Овој пат, новина беше тоа што печатевме сосема нов pattern на материјал, наместо традиционална техника на изработка. Традиционалната техника ја задржав само при изработката на модните додатоци.
Неодамна на еден настан видовме три модели од колекцијата со референци на нашиот богат фолклор, но од што се состои целата колекција ?
-Колекцијата се состои од кошули, панталони, наметки и фустани кои можат да се носат преку ден, а исто така можат да се носат и во вечерни пригоди. Во колекцијата има и венчални фустани во кои ќе се пронајде девојка која сака традицијата да ја пренесе на суптилен, современ начин.
Каква интерпретација на македонските носии направивте во колекцијата, како сметате дека треба да изгледа една модерна облека инспирирана од фолклор и постари стилови што ќе може да се носи во современието, а да не изгледа премногу костимирано?
-Колекцијата содржи нежни и младешки парчиња. При креирањето на секое парче си помислував на моите ќерки кои се урбани и современи полни со младешки дух. Тие се со различен стил и ми се репрезенти за девојката од денешницата. Некои од парчињата веќе се наоѓаат во нивните плакари. Доколку погледнете одблиску, ќе забележите инспирација на пантолони од машки пантолони, крој на тоалета инспириран од народен невестински елек, и секако самите дизајни на материјалите, изборот на боите. Гореспоменатите делови од носии ме инспирираа да создадам современи дизајни во разиграни бои кои одговараат на духот на колекцијата. Дизајните се печатени на природна свила и се изработени од нашите соработници во Италија. Преку дигитален принт на свила сакав да го задржам модерниот призвук и да создадам уникатни парчиња кои нема да изгледаат костимирано. Секој модел е надополнет сo рачно изработен накит од срма, бисери, монисти и цветови. Боите на дизајните се нежни пастели кои на некои модели ги комбинирав со потемни тонови како тегет и бордо, а во повеќето модели со безвременската бела боја.
За оваа колекција подготвивте фотосесија како форма на промоција, зошто како заштитни лица ги земавте вашите ќерки Елена и Ања?
-За заштитни лица на колекцијата ги земав моите ќерки, во знак на семејството како интегрален дел од традицијата и пренесување на нашето културно богатство на помладите генерации преку опуштена и разиграна фотосесија. Фотосесијата е направена во Македонската филхармонија која исто твори и допринесува кон збогатување на македонскиот фолклор и култура и беше совршената локација за заокружување на овој проект.
Дали токму нив ги гледате како жени кои би ги носеле креациите од колекцијата? За кои девојки и пригоди се наменети новите модели?
-Секако. И двете учествуваа во создавањето на дизајните, бидејќи сакав да создадам pattern-и кои ќе бидат интересни токму за младите девојки. Интересно е што имаат различен стил на облекување, Елена се облекува во шик облека со некоја спортска нота, додека Ања има малку поелегантен и минималистички стил. И двете имаат неколку фаворити од колекцијата. Колекцијата е наменета за жена, девојка, која ја носи нераскинливата врска со минатото, која е апсолутно присутна овде и сега со проекција за својата иднина.
Скоро се вративте од Белград, каде што со венчалната колекција White Ivy учествувате на тамошниот Саем за венчавки. Какви се импресиите од настанот, како помина оваа колекција пред тамошната публика?
-За прв пат оваа година се претставивме на Belgrade Wedding Show, како последователен чекор после скоро една година присуство на брендот на тој пазар во концепт стор П1. Приемот на колекцијата беше одличен. Невестите кои сакаат елеганција, а воедно и романтика и минимализам го посетија нашиот штанд и имаа можност одблизу да ги видат нашите модели. Секако, најголемите ефекти од вакви настани се чуствуваат во неделите потоа, и сум среќна да кажам дека веќе има конкретни невести кои го одбраа брендот Antonija Ristovska Bride. Венчалната колекција е достапна во концептуалната продавница П1 во центарот на Белград и секако во моето ателје во Скопје.
Во пресрет на празниците и новогодишните забави, кои се вашите предлози за свечен стајлинг за новогодишната ноќ или за забавите што се случуваат перидов?
-Мојот совет секогаш е бидете свои и оригинални, и секогаш облечени прикладно за типот на забава. Доколку славите во опуштена домашна атмосфера, не претерувајте со светките и пресвечени тоалети, доволно е да се израдувате со некоја свилена кошула и да ја искомбинирате со фармерки или тесно здолниште,или само да облечете фустанче со благ волумен во долниот дел. За они кои ќе се одлучат за клуб/ресторан, го препорачувам малиот црн фустан на кој можете да додате било каков накит во боја или со светки, марама или бисери, златен или сребрен накит, избор во кој секогаш ќе се чувствувате посебно. За оние кои слават на отворено, најважно е топла облека, но секогаш може да изненадите со шик капче.
Што посакувате во 2018-та да му се случи на вашиот бренд, каде во следната година ја гледате својата мода?
-Сега на крајот на 2017 година која ја завршувам со венчална колекција за 2018 година и нова колекција за сезоната пролет-лето 2018, посакувам поголема препознатливост на брендот на српскиот пазар и секако да продолжиме да ги правиме среќни сите македонски модерни дами, идни невести и нивните најблиски.
АНТОНИЈА РИСТОВСКА
Колекција „Саја“ пролет-лето 2018/ Модели: Елена Ристовска и Ања Ристовска/ Фотографија: Жарко Чулиќ/ Шминка: Васе Доковски/ Фризура: Студио Фран/ Локација: Македонска филхармонија/ Проектот е поддржан од Министерството за култура на РМ
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари