Модната дизајнерка Тања Кокев својот моден бренд „Кокев“ го смести во широк и осветлен простор во трговскиот центар ГТЦ, позиционирајќи го својот салон во центарот на градот како шопинг дестинација што не може да се одмине. На вчерашното официјално отворање таа повика повеќе гости, пријатели, познати личности и клиенти кои имаа можност да се запознаат со новата локација и декорот на новиот салон, а во исто време уживаа во пријатни разговори, добро вино и француски колачиња.
Дизајнерката сама го осмисли и уреди новиот салон. Избра стил кој се нарекува French Country, во кој се мешаат ретро романтика и цветни дезени со модерно осветлен амбиент, а конечниот изглед ќе го докомплетира деновиве со нови парчиња мебел. Според идејата на Кокев салонот е поделен на неколку сегменти, излогот на почетокот кој постојано ќе се менува со различни креации и ќе значи воведување во ателјето, потоа голем простор кој е продажен дел, работилница, канцеларија за средби со клиенти и две големи удобни гардероби. Изгледот на салонот ја следи естетиката на модните креации на Тања кои сега тука се изложени, а во истиот простор ќе може да го набавите и дизајнерскиот парфем Actress чие заштитно лице е актерката Јелена Јованова.
Фото: Stylist.mk
Нема коментари