Оние што ќе се пронајдат во креациите од новата колекција на Ирина Тошева не само што негуваат индивидуалност и младешки дух, туку треба и да поседуваат чувство за хумор и смело да носат зебри на себе. Бидејќи, зебра во колоритно царство е првиот впечаток по ревијата на новата колекција на Ирина Тошева претставена на Моден викенд-Скопје. Зебрата според дизајнерката е симбол на индивидуалност, а колекцијата ќе се влопи во стилот на динамични личности. Тошева повторно нуди женски и машки модели во кои преовладува специфичен принт, овојпат тоа е мотивот на зебра кој во различни големини го среќаваме на панталоните, комбинезоните, здолништата и останатите парчиња. Видечки модел се панталоните со прерамки, кои ги има во верзии за момчиња и за девојки.
Дизајнерката досега работеше во едноставни форми и со базични парчиња, овојпат оди чекор понатаму и прикажуваа интервенции во кроевите, како на пример во кошулите, блузите и здолништето кои имаат необични отвори од страните, а бидејќи колецијата е за сезоната есен-зима 2014/15, таа прикажа и неколку модели и трендовска пелерина во потешки материјали. Животинскиот мотив симпатично се отсликува на деталите, па гледаме „облечени“ зебри како копчињата и брошевите и на рачките од торбите. Тошева покрај шарата на зебра и неколку принтови, најмногу употребува бела и тегет, но и сива, интензивно зелена и розова боја. Тошева нагласува дека колекцијата е за индивидуалци кои сакаат да се издвојат од околината, а впечатлив во нејзина креација беше и Горан Сиџимовски од FWSK. За впечатокот допринесе и песната „Здраво те сакам“ на Марија Каева која послужи како саундтрак на ревијата.(К.Т.)
Фото: Stylist.mk
Нема коментари