„Дaблин е жив и весел, град во кој, откако ќе го запознете вистински, можете многу лесно да се почувствувате како да сте дома“… Иако е повеќе од 2.404 км оддалечена од нејзиното Скопје, професионалната парфимерка Марија Аслимоска изминатите осум години ирската метропола ја доживува како свој дом. Таму заминала во 2006 година, кога добила понуда за работа. Следната година се запишала на факултет, кој успешно го завршила во 2011, а лани во центарот на Даблин ја отвори и својата парфимерија, Parfumarija. За Аслимоска првпат се слушна во нашата јавност мината година, благодарение на соработката со креаторката Тања Кокев на првиот парфем со потпис на наш дизaјнер. Марија, која има диплома и од престижниот Grasse Institute of Perfumery од Франција, а се школувала и во Хрватска, е авторка на формулата на Actress by Kokev. Во моментов оваа голема вљубеничка во естетиката, дизајнот и модата, ужива во разработување на својата парфимерија, и во квалитетниот животен стил што Даблин ѝ го нуди .
-Дaблин е многу убав град. Бидејќи не е премногу голем, успеав од самиот почеток полека да му ги откривам тајните и убавините, а во него секако има многу за откривање. Ми се допаѓа што има многу паркови (факт е дека Дaблин има повеќе зеленило и парк по метар квадратен од било кој друг европски град) и секаде може лесно да се движите, при тоа не губејќи часови од животот патувајќи со метро или трамвај. Единствено нешто на кое морав да се навикнам, секако, беше времето. Првото лето кога пристигнав врнеше библиски 40 дена без престан. Тоа понекогаш знае да влијае на расположението.
>> Кое е нaјпозитивното изненадување што ти го приреди градот?
- Пријатно се изненадив од менталитетот на луѓето, како тие размислуваат. Нивното мото е дека сè што сакаш можеш да оствариш! Впрочем, можеш да станеш сè што сакаш да бидеш. Нема граници кои те лимитираат, без обзир на тоа од каде си дојден или пак каква едукација си имал, дали си стар или млад… Ако нешто сакаш, потруди се, и ќе го добиеш. Дaблин има моќ да те натера да сонуваш. Но не само да сонуваш, туку и да ги оствариш твоите соништа.
>>Беше ли тешко да се прилагодиш, и на што сè уште не можеш да се привикнеш?
-На почетокот премногу ми фалеа моите другарки и Скопје. Дента кога знаев дека се собрани и пијат кафе без мене, или дека се излезени заедно во сабота навечер, ми паѓаше многу тешко… И после осум години сè уште не можам да се навикнам на тоа. За возрат, сепак, мислам дека добив подобар животен стил. Во Ирска има многу прилики за работа и добро сте платени. Тоа ви отвора можности да патувате често на било која посакувана дестинација. Патувањата му даваат смисла на животот и токму таков е и животниот стил што го посакував.
>>Каде, во кој дел од градот живееш и по што е познат тој кварт?
-Живеам во самиот центар, во сквер кој е целиот околу прекрасен парк. Тоа е она што го прави посебен. Иако е во центарот на Дaблин има многу дрвја и се слушаат птици повеќе од автомобили. Наоколу мачиња задоволно предат и владее некаков недопирлив мир. Преку лето во паркот се организира гледање на филмски класици, каде што доаѓате со ќебе и опрема за пикник. Тое е многу кул настан. Исто така секоја сабота наутро во паркот се одржува час по јога, кој го посетуваат луѓе од цел Дaблин и е многу убава и смирувачка глетка за нас кои живееме на скверот.
>> Не може а да не се спомене пивото во Даблин…Каква култура се негува околу овој пијалак и кои тамошни пива би ги препорачала, кои ти се омилени?
-Да, точно е дека луѓето во Дaблин уживаат во пиење пиво и тоа е број еден пијалак на избор за речиси сите. „Гинис“ е пивото кое има најдолга репутација и го пијат сите. Меѓутоа во последните години има нов тренд на пиење пива од мали непознати произведувачи, бидејќи секој сака да се чувствува поиндивидуално. Така да, моментално има доста барови кои на кои специјалност им се овие помалку познати брендови на пива и доста се популарни.
>> Кој специјалитет или вкус го откри за време на животот во Даблин?
-Ирската кујна не е многу разновидна. Не се користат многу зачини, компирот се јаде како главен додаток на секое јадење, а лебот многу малку. Тоа го применив и во мојата исхрана– се одучив од јадење леб. Зачините сè уште ги сакам и ги додавам во сите оброци. Исто така, тука се јаде многу риба, така да, во неделата јадам до четири пати разновидни риби припремени најчесто во рерна со различен зеленчук и секако, компири. Инаку еден од моите најомилени ресторани е Coppinger Row, каде што се служи медитеранска храна. А за бранч преку викенд одам во Lennox café, Le Petit Parisien или пак Bibis.
>> Колку често ги посетуваш културните случивања во градот и има ли некое место за вакви настани во кое се чувсвтвуваш најпријатно?
-Ирците се многу креативни и имаат многу што да понудат. Ги пратам културните случувања во градот редовно, било да е музејска изложба, театар или симфонија, Дaблин има богат културен живот. Исто така сакам да посетувам живи свирки на мали непознати бендови, за кои понекогаш подоцна слушаме дека одеднаш станале познати. Најудобно се чувствувам во National Concert Hall, каде што редовно одам на концерти на класична музика, опера или балет. Gate Theatre е мојот омилен тетар во градот, каде што имам гледано безброј претстави со одлични актери. Во Olympia Theatre имам проследено концерти од кои се ежи кожа, бидејќи се во мала, интимна атмосфера. Таму ги имам проследено двата најубави концерти во мојот живот, на Р.Е.М. и „Флоренс енд д машин“.
>> Кои историски објекти те одушевуваат?
-Од историјата на Дaблин најмногу ме фасцинира Trinity College, кој што го има според мене едно од најволшебните места на светот – Trinity College Library. Библиотеката е основана на крајот од 16тиот век, и изгледа како од бајка, мириса како ниедно друго место на светоти постојано има некоја посебна светлосна аура кога ќе влезете таму. На момент ви го одзема здивот. Секогаш кога сум таму не можам да верувам дека такви места постојат.
>> Каква е модата на улиците на Даблин? Како луѓето се носат во споредба со Скопје?
-Модата во Дaблин многу наликува на онаа од Лондон. Доста е младешка и експериментална. Се носат многу работи кои се моментално ИН, па според тоа и често се менува. Најмногу се носат широки маици, неоонски бои, кожнени парчиња, впечатливи кондури. Боемскиот стил исто доста често може да се види на улиците – долги здолништа и интересни шешири. Мислам дека се разликува доста од модата во Скопје. Во Македонија повеќе се носат тесни парчиња на облека, повеќе се става акцент на сензуалност отколку на тренд.
>> Колку оваа мода влијаеше на тебе , што прифати од модниот имиџ на овој град?
-Мислам дека мојата гардероба се има доста променето откога сум преселена тука. Меѓутоа расположението влијае најмногу на тоа како ќе се облечам преку ден. Ја сакам црната боја, а речиси секојдневно носам кожни парчиња , без разлика дали се тоа панталони, кошула или јакна. Сакам и многу накит на себе и недефиниран стил, но исто така многу често се одлучувам и за елегантни фустани со високи потпетици. Она што навистина не носам многу се спортска облека и патики.
>> Каде и од кого најчесто се купува облека и кое е твоето омилено место за шопинг?
- Во Дaблин се носат многу светски брендови, но исто така и бреднови од Лондон. Пазарувам од различни места. За кожни парчиња одам во All Saints… За капути и елегантни фустани го сакам Reiss. За едноставна но сепак многу различна секојдневна облека го сакам COS и „Топшоп“, но сè помалку „Зара“ (ми се чини дека сите пазаруваат таму). За чанти секогаш прво гледам што има во „Прада“ и „Шанел“. За дизајнерски чевли одам во голема стоковна куќа Brown Thomas, каде што може да се најдат сите луксузни брендови како Jimmy Choo, Manolo Blahnik, Christian Louboutin, Giuseppe Zanotti, Valentino, YSL…
>> Колку се цени дизајнерска облека?
-Доста се цени тука и често можете да ја забележите кога шетате на улиците од Дaблин. Сепак, се носат и доста парчиња кои се копии, или пак нешто приближно до актуелните модни стилови и дизајни на познатите имиња.
>> Колку се купува рачно изработен уникатен накит?
-Ми се чини дека не сум видела друг главен град во кој на секој агол има повеќе продавници на накит. Ирците имаат голема страст кон купување ваков тип на модни додатоци. Можеби не секогаш рачно изработен, но има и многу такви мали ателјеа, кои рачно изработуваат накит, и тоа најмногу од сребро.
>>Во Даблин отвори своја парфимерија-Parfumarija. Опиши ја како изгледа и каква содржина нуди?
-Мојата парфимерија има помалку индустриски стил и изгледа како лабораторија, но сепак во неа се вметнати домашни елементи, како што е тепих, лампи, книги, цвеќе – за контраст, да се добие топла атмосфера. Во неа се продаваат мали ексклузивни брендови на парфеми за луѓе кои секогаш бараат и сакаат нешто ново со повеќе индивидуализам. Се наоѓа во самиот центар од градот, каде што правите жители на Даблин пазаруваат. Мојата клиентела се обично сериозни жени со истенчен вкус, кои имаат доста патувано и се со успешна кариера.
>> Постои ли некое дизајнерско или модно катче околу кое се собираат љубителите на модата во Даблин?
-Да, во Дaблин има приватни клубови, како Residence Club или Odessa, каде што морате годишно да платите членарина за да имате пристап во нив. Тие се за селектирана клиентела и тука обично се собираат луѓето од шоу- бизнисот на Ирска, како и љубителите на модата. Исто така некои ноќни клубови како Krystal или Houseсе доста популарни за луѓе кои сакаат мода.
>> Колку брзо успеа да стекнеш нови пријатели во Ирска, каков е тамошниот народ?
-Ирскиот народ е топол и срдечен. Сепак, за стекнување пријатели не е толку лесно како во Македонија, бидејќи луѓето тука се многу зафатени со својата работа и со својата фамилија, па така, имаат малку слободно време за создавање нови пријателства. Мислам дека многу тешко се стекнуваат пријатели како тие од детството, а моите пријатели се во Македонија.
>> Kолку често доаѓаш во Македонија и што најмногу те врзува за нејзе?
- Доаѓам секоја година најмалку двапати. Најмногу ми фалат пријателите, седенките со кафе, ќебапчињата од „Дестан“, наши други традиционални македонски јадења, Скопје, Охрид, журките, слушањето на македонскиот јазик секаде каде што одам и уште многу, многу други работи. Дома си е дома!
Нема коментари