Еден месец пред почетокот на новата сезона на хит-серијата „Игра на тронови“, дел од актерите што ги толкуваат главните улоги позираат за насловната страница на Vanity Fair. Фотографиите што ќе бидат објавени во априкслиот број на филмското и модно списание, ги сними славната Ени Лејбовиц. Во костимите со кои се појавуваат во ТВ-шоуто на HBO, пред нејзниот фотообјектив се појавуваат Кит Харингтон (горе), Емилија Кларк(лево), Лена Хеди, Николај Костер-Валдо и Питер Динклиџ. Четвртата сезона на епско-фантастичната серија, работена по книгите „Песна за лед и оган“ од американскиот писател Џорџ Р. Р. Мартин, во светски рамки ќе почне да се емитува на 6 април, а кај нас на HBO еден ден подоцна.
Како што изјави еден од креаторите на серијата, Ден Вајс, во новата сезона нема да се создава тензија само околу еден настан, туку ќе има повеќе такви настани кои ќе кулминираат. Тоа значи нема да треба да ја чекаме претпоследната епизода во кој досега имаше најмногу шок, туку ќе има рамнотежа на важни настани низ целата сезона. Може да ги видиме Арија, Оберин Мартел, Планината, дивјаците, Ноќната стража, Дарио и Џејми како се борат во различни сцени, потоа тука е Тирион со лисици, кралската свадба и безредијата во Јункај кој е под власт на Денерис. Еден од најинтересните моменти во серијата е комплексноста на ликовите. Веќе видовме како жестокиот и горд Џејми станува корисен и мудар човек, а во оваа сезона ќе видиме уште поголеми промени кај ликовите. Денерис се бори да стане вистински лидер и започнува да се сомнева во своите способности да биде кралица. Во меѓувреме, Џон Сноу пати поради одлуката да ја стави должноста пред љубовта, а најлошо од сè е што неговата љубов се бори против него и Ноќната стража. Тирион ќе се сретне со мошне сериозни обвинувања во Кралебран, а Дејвид Бениоф ќе изјави: „Изгледа дека во секоја епизода Тирион е во ситуација да остане без глава.“ Ако не сте ги читале книгите, ќе ви изгледа дека Мартелови се појавуваат од никаде, но верувајте дека има многу добра причина што сега се појавуваат во серијата. Особено појавувањето на Оберин Мартел кој е навистина опасен карактер. Тој е интелигентен лик, одличен воин со остар јазик, човек кој сака одмазда и ги мрази Ланистерови. Истото може да се каже и за неговата љубовница, Еларија Сенд. Дуелот помеѓу Оберин и Планината е една од најдобрите сцени во сезоната. Во претходните сезони змејовите се само бебиња, но сега се многу повеќе од тоа. Затоа се потешко се контролираат. Во последната сцена од серијата, Дрогон, најголемиот од змејовите, напаѓа стока и луѓе. Преостанатите страволци веќе се во полна сила и изгледаат фантастично. Кит Харингтон напоменува дека е мошне тешко да се работи со „greenscreen“ технологија затоа што наместо вистински волк, тој мора да се преправа и да работи со кукла.
Свадбата на Џофри Баратеон и Марџери Тирел ќе трае повеќе од половина епизода што значи дека ќе биде грандиозна. Натали Дормер изјави: „Не верувам дека уште еднаш во животот ќе глумам во таква сцена.“ Овие сцени се снимани во јужна Хрватска, во Градац, покрај Дубровник. Сè повеќе мали детали објаснуваат зошто Тирион оди кон тронот со лисици на рацете и зошто е затворен. Можеме да ја видиме Серсеј која е сериозно бесна на Тирион, но Џејми е тој кој сака да му помага. Се појавува и тронот на Денерис и сер Џора Мормонт кој ја советува. Односот помеѓу Џон Сноу и Семвел Тарли станува понапнат, но сепак тие двајца не можат еден без друг. Во една кратка сцена, Џејми тренира мечување со лева рака што подразбира дека не се откажал од титулата најдобар мечувалец во кралството. За првпат ќе го видиме и Мирин и неговите огромни пирамиди, најголемиот и најстариот град во Заливот на робовите.
Нема коментари