„Црвен се барјак развева“ e изложба која ја обработува македонската народна борбена поезија и нејзината интерпретација во ликовните дела на македонските уметници.
Изложбата ќе се одржи во Националната галерија на Република Македонија, во објектот Чифте Амам во Скопје, со свечено отварање на 09.05.2025 година во 19:00. Автор на изложбата е Проф. Д-р Кирил Пенушлиски, познат македонски историчар на уметност.
По повод изложбата, ќе биде печатена и книга која ќе содржи повеќе научни текстови посветени на македонската народна борбена лирика и на македонската модерна и современа ликовна уметност. Книгата ќе служи и како каталог на изложбата.
„Црвен се барјак развева“ има за цел да го истакне богатото културно наследство на Македонија и да ни ја доближи традицијата преку современи уметнички изрази, создавајќи простор за контекстуализација на историјата и значењето на народната борбена лирика во нашата колективна свест.
На изложбата, покрај текстовите на македонските народни борбени песни ќе бидат преставени ликовни дела на некои од најголемите македонски уметници, како Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Томо Владимирски, Петар Мазев, Петар Хаџи Бошков, Борко Лазески, Васко Ташковски и други. Покрај ликовните дела, во просториите на Националната галерија ќе бидат изложени и документи од непроценлива важност за историјата на македонскиот народ и држава, фотографии, оружје, некои од првите збирки на македонските борбени песни, како и оригинални црвени барјаци на македонската народно-ослободителна војска.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија, како и од многу национални институции, меѓу кои се и Националната галерија, Музејот на современата уметност, Музејот на Македонија, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како и музеи од други градови на Македонија вклучувајќи ги и тие во: Охрид, Битола, Кичево, Неготино, Штип, Куманово и Прилеп.
Генерален покровител на изложбата е Комерцијална банка А.Д Скопје
Нема коментари