За прв пат во Македонија доаѓа двоецот Предин и Дедиќ со нивниот проект „Трагови у сјети”, проект кој веќе ги пропатува речиси сите градови од поранешна Југославија и ги освои симпатиите на публиката и критиката. На 17 и 18 ноември во МНТ македонската публика ќе има можност да ги слушне најубавите песни на Предин и најпознатите хитови кои будат спомени на различни генерации. „Јесен у мени”, „Галеб и ја”, „Зажмури”, „Магла”, „Ти си ми у крви”, „Васа Ладачки”, „Те ночи кад умрем”, „А сад адио”, како и многу други песни од големите автори на поранешна Југославија.
Матија Дедиќ e роден во Загреб во исклучително музичко семејство. Растен со неговите родители Арсен Дедиќ и Габи Новак тој започнува да свири клавир уште на петгодишна возраст, а дипломира на џез академијата во Грац, Австрија. Во својата кариера настапувал речиси на сите континенти, со многу исклучителни светски музичари, а асоцијацијата на хрватски автори го наградува со титулата “Најдобар автор и најдобро ново име во последните 10 години”.
Зоран Предин публиката го памети како фронтмен на култната словенечка група Лачни Франц и неговите големи хитови „Čakaj me”, „Praslovan”, „Naj ti poljubnariše ustnice”, „Ne mi dihat za ovratnik” и многу други. По 11 години во групата и 16 снимени албуми, тој продолжува со соло кариера и објавува 15 албуми, а дополнително работи и музика за ТВ, театар и филм.
Овие двајца исклучителни музичари го создаваат проектот “Трагови у сјети” и издаваат два албума за кои хрватската критика ќе напише – “Најголемата предност на албумите е таа што со песни од различни автори, создадени за различни пејачи во различни временски контексти креира оригинална уметничка нишка, серија на сликички кои имаат смисол и кои налик на филм ја раскажува својата приказна, воздржано, смиренио, сетно и мудро… Вака се прават албуми кои се паметат”. (Zoran Tučkar/Muzika.hr)
Влезниците за концертите на 17 и 18 ноември во МНТ се веќе во продажба преку продажната мрежа на Купи Карти За Се, Југотон и онлајн.
Концертите се поддржани од Триглав Осигурување АД Скопје.
Нема коментари