Оскарите се сметаат за финалe на сезоната на филмски награди, а на вчерашното доделување филмот на Пол Томас Андерсон, „Една битка по друга“, освои шест златни статуетки. „Грешници“ иако имаше рекордни 16 номинации доби четири Оскари, „Франкенштајн“ три, додека анимираниот филм „K-Pop: Ловци на демони“ освои два.
На 98. Оскари, филмот на Андерсон победи во шест категории – за најдобар филм, најдобар режисер (Андерсон), најдобро адаптирано сценарио (Андерсон), најдобар актер во споредна улога (Шон Пен), најдобра монтажа (Енди Јургенсен) и во новата оскаровска категорија – најдобар кастинг (Касандра Кулукундис).
Филмот „Грешници“ во режија на Рајан Куглер освои четири Оскари, во категориите за најдобар глумец (Мајкл Б. Џордан), најдобра кинематографија (Отен Дуралд Аркапо), најдобра музика (Лудвиг Герансон) и најдобро оригинално сценарио (Рајан Куглер).
„Франкенштајн“ на Гилјермо дел Торо освои три Оскари – најдобра костимографија (Кејт Холи), најдобра шминка и фризура (Мајк Хил, Џордан Самуел и Клиона Фјури) и најдобра продукциска декорација (Тамара Деверел и Шејн Вио).
Мајкл Б. Џордан кој глуми двајца браќа близнаци во „Грешници“ го победи Тимоти Шаламе (Marty Supreme) кој се сметаше за фаворит. Шаламе десетина дена пред доделувањето на Оскарите направи еден многу несреќен коментар дека никој повеќе не се интересира за операта и балетот, кој го осудија сите уметнички куќи во светот, а неговата изјава беше исмеана и на самите Оскари.
Оскар за најдобра главна женска улога доби Џеси Бакли за улогата на Агнес Шекспир во филмот „Хамнет“. За споредни улоги наградени се Ејми Медиган („Оружја“) и Шон Пен („Една битка по друга“), кој не се појави на доделувањето на наградите.
Оскарот за најдобар меѓународен филм отиде во рацете на норвешкиот филм „Сентиментална вредност“ на Јоаким Трир.
Овогодинешното доделување на наградите беше обележано и со неколку историски моменти. Во категоријата за најдобар краткометражен филм, резултатот беше изедначен, па Оскарот им припадна на два филма – „Пејачите“ и „Двајца мажи кои разменуваат плунка“. Ова е само седмо изедначување во историјата на Оскарите. Претходно се случило во 1932, 1950, 1969, 1987, 1995 и 2013 година.
Отум Дуралд Аркапо, исто така, влезе во историјата, освојувајќи го Оскарот за најдобра кинематографија за филмот „Грешници“. Отум Дуралд Аркапо е првата жена во историјата што освоила Оскар за најдобра кинематографија.































Нема коментари