Мирјана Јосифоска во сабота, 23 јануари, во Јавна соба ќе ја претстави својата прва модна колекција „Спомен на еден град“, инспирирана од нејзиниот роден град, Тетово. Настанот започнува во 18 часот и покрај колекцијата ќе бидат изложени и рекламни видеа за кампања на колекцијата, илустрација и фотографии од колекцијата.
Како што е наведено во информацијата за настанот, темите кои ги опфаќа колекцијата на Јосифоска се миграцијата на младите луѓе, загадувањето на воздухот, како и преголемата консумација на текстилни материјали од синтетичко потекло.
„Ова не се само проблеми на Тетово, туку и проблеми на нашето општество. Целта на овој проект е да подигне свест за овие проблеми кои особено ги засегаат младите луѓе во нашата земја.
Облеката во проектот е речиси целосно создадена од материјали од природно потекло, најчесто од македонски производители на текстил. На овој начин се промовира употребата на македонски текстил при процесот на дизајнирање.
Одржливоста е дел од идентитетот на брендот, поради тоа одредени парчиња облека се создадени од текстилен отпад од текстилни работилници. Друг аспект на одржлива мода кој брендот го негува е мултифункционалната мода. Па така, некои парчиња од колекцијата можат да се носат на повеќе начини“.
„Спомен на еден град“ е работен во соработка со „Џолев и уметностите“, како и со нивни алумни. Проектот е поддржан од Министерство за култура.






























Нема коментари