Уште десет дена трае отворениот повик за учество на Интернационалниот саем на современа уметност „Паратисима Скопје“ . На трето издание, кое ќе се одржи од 10-12 јуни во Младинскиот културен центар, Скопје, може да учествуваат сите заинтересирани визуелни уметникци, архитекти, фотографи, дизајнери, модни креатори, режисери. На настанот има простор за индивидуалците и групите да се претстават со перформанс, мултимедијален проект или било кој друг уметнички или креативен формат. Повикот е отворен до 30 април за академски уметници, емергентни автори и работници во полето на креативноста и ги охрабрува сите заинтересирани да експериментираат и да ги трансформираат конвенционалните граници во изразот и уметничкото дело.
-Можноста создадените дела да бидат видени од што поширока публика е голем плус за секој креативец. Особено кога не е само на локално ниво. Секое претставување на настан како „Паратисима“ овозможува и да се види до каде сме, на што треба повеќе да се работи, а и да се добијат многу инспирации и кураж за нови дела. Покрај уште едно искуство во сечие портфолио, тука е и можноста за учество на „Паратисима“ во Торино и дружење и запознавање луѓе од целиот свет. Ги охрабрувам сите студенти, креативци, колеги да учествуваат. Се радувам на поканата од организаторите да бидам куратор за делот мода. Ова е нов предизвик и за мене. Ветувам убаво искуство и супер дружење- вели модната креаторка Ирина Тошева.
Познатиот торински саем за современа уметност, „Паратисима“ првпат во Скопје се одржа во 2014 година, кога Stylist.mk беше задолжен за модната програма. Концептот на „Паратисима“, да даде можност на сите автори да бидат прикажани без претходна селекција, изминатите изданија се покажа како успешен и предизвикувачки, бидејќи на учесниците им беше дадена шанса да ги претстават своите идеи и креативност без цензура, онака како што ги замислиле.
Нема коментари