Фустанот во вид на лебед од македонскиот дизајнер Марјан Пејоски што исландската пејачка Бјорк го носеше на доделувањето на „Оскар“ во 2001 година, сè уште е предмет на анализа, а не постои ниту една навраќање на оскаровските фустани во кои не е спомнат токму овој модел. Иако понекогаш во контекст на најлош изглед… Како и да е, дизајнот на Пејоски 13 години по претставувањето продолжува да живее како модно парче од културна важност, фустанот е еден од најпрепознатливите во поновата модна историја, па секој што ќе се осмели да го рекреира, не може да помине незабележан.
Како што пренесува порталот Fashionista, гостите на последната ревија за колекцијата на висока мода на „Валентино“ биле заинтригирани од еден модел кој наликува на креацијата на Марјан Пејоски. Да се разбереме, фустаните не се идентични, дури ни двата лебеда не си личат, креацијата на „Валентино“ е во друга боја, здолништето е од проѕирен тул, а фустанот е транспарентен и во горниот дел. Но, вкупната естетика на „лебед обвиен околу телото“ е иста. Порталот исто така констатира дека можеби било време некој да ја возобнови идејата за фустанот лебед, но не очекувале тоа да биде брендот „Валентино“.
Нема коментари