Анџелина Џоли прикажа елегантен деловен изглед на Глобалниот самит за запирање на сексуално насилство што минатата недела се одржа во Лондон. Покрај тоа што говореше за горката тема на сексуално насилство за време на војна и особено за жените жртви од воените конфликти, и со тоа својот статус на позната личност го стави во служба на подигање на свеста за оваа проблематика, Анџелина покажа како треба да се изгледа децентно, едноставно и ненападно на настан од ваков карактер.
Прво се појави во бел комплет од здолниште и сако од Мајкл Корс, во комбинација со бежови салонки, нежни бисерни обетки и фатена коса. Впечаток остави и комбинацијата од бела кошула со панделка и широки сиви панталони, исто така од дизајнерот Мајкл Корс. Следеше црна комбинација од тесни панталони, едноставна блуза и добро скроено сако, а се појави и во сив комплет од тесно здолниште до колена и горен дел со пеплум и широки ракави од „Версаче“.
Од почит кон тематиката Џоли избрала едноставни модни парчиња и ги стилизирала без многу накит, што може да ви послужи како идеја за деловен изглед од построг карактер. Можеби нејзините комбинации не се премногу модерни, но барем се соодветни на пригодата. За пример, како може да се изгледа ултра модерно ќе ја земеме Стела Макартни која се појави заедно со Анџелина на почетокот на самитот. И двете беа во бело, со таа разлика што Стела избра потрендовки скроени панталони и сако, заедно со сандали на платформа. Во секој случај, Џоли покажа дека може да се изгледа професионално и во исто време со стил.
Нема коментари