Со ревијата на нашата дизајнерка Олгица Ѓоргиева вчеравечер заврши 32. издание на Моден викенд Скопје. Од првата вечер посветена на кинеската мода, преку повеќето модни ревии, Моден викенд се осврна и на нордиско-балтичката приказна и дизајнерските резиденции, изложбите, јавните разговори и презентациите, иницијативите како Mission for Water и регионалните соработки со сцени од Балканот. Направивме преглед на ревиите одржани на FWSK и на пропратните случувања кои го заокружија ова издание на Моден викенд подджан од UNIBank.
Колекцијата „Metamorfosis“ на Олгица Ѓоргиева, поддржана од Nera Caffe, е инспирирана од личната трансформација и симболиката на пеперутката, колекцијата се развива низ минималистички силуети, рачна изработка и прецизно обликувани детали. Природните тонови внесуваат стабилност, додека суптилниот леопард принт се појавува како знак на инстинкт и самодоверба, дискретно, но присутен.
Роберт Ивановски, со поддршка на Винарија Душа, претстави колекција што носи авторитет без да инсистира на него. Силуетите се понагласени, формите посигурни, а целината изведена со конзистентност што ретко се гледа без компромис.
Колекцијата „Season IV“ на GEORGIYA се движеше низ чисти, издолжени линии и внимателно редуцирана палета, каде што секој елемент има своја функција.
Терзија, со поддршка на ZIA Jewelry и Душа Винарија, се претстави со прецизната и дисциплинирана колекција „Вртлог“, која несомнено ќе остане забележана. Во нејзиниот израз, формата е строго контролирана, а движењето внимателно дозирано — како суптилна студија за балансот меѓу структурата и сензуалноста. Накитот не беше само додаток, туку природно продолжение на наративот: фин, но промислен акцент што ја заокружува целината.
Групната ревија на Марија Станојовска и Маригoна Рахмани ја стабилизираше оваа енергија. Кај Станојовска доминираше контролиран, речиси архитектонски пристап кон формата, додека кај Рахмани се појави мекост и елеганција, со нагласена текстура и движење. Овој дел од програмата функционираше како премин, од колективна експресија кон индивидуален авторски став. И токму таму, без потреба од спектакл, дојде финалето.
Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет – Скопје, преку ревијата „Еклиптика“, донесе визуелна храброст и јасно изразена генерациска слобода. Бојата, графичките елементи и силуетите не се стремат кон комерцијалност, туку кон автентично воспоставување на сопствен идентитет.
Интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ прикажа колекции реализирани од студентите Рејхана Винца, Мирадије Селими и Дорунтина Каштанјева. Нивните дела функционираа како заокружени и зрели изрази. Беше присутна јасна конструкција, прецизна контрола на силуетата и изразено чувство за материјал, што не остава простор за случајност. Ова не беше само презентација на потенцијал, туку убедлив доказ за веќе изградена и цврста основа.
На пистатат се претставија и студентите од насоката за моден дизајн на Факултетот за уметност и дизајн при Меѓународниот Балкански Универзитет, кои јасно покажаа дека новата генерација не е нешто што допрва доаѓа — таа веќе активно создава. Во таа студентска искреност се препознава процесот низ експеримент, истражување, а понекогаш и свесно прифатена недовршеност. Токму таму лежи нејзината вредност: не во финалниот производ, туку во увидот во начинот на кој се обликува новиот авторски глас.
Во рамки на 11th MetFashion Day – Past2Future Fashion, Милица Ѓуриќ, Лана Михајловиќ, Јана Станишиќ, Лена Матиќ и Андреа Булајиќ ги претставија своите колекции како дел од платформа што не продуцира трендови, туку автори. Секој од нив со сопствен визуелен код, но обединети во идејата дека новата генерација не треба да имитира за да биде релевантна. Курирана од Милица Слијепчевиќ и Лидија Јовановиќ, оваа ревија функционираше како пресек на регионална енергија што веќе има јасна насока. Присуството на Fashion Weekend Skopje како дел од жирито и сцената ја претвора оваа соработка во нешто повеќе од гостување.
Покрај претставувањата на колекциите на модна писта, на Моден викенд се случија и други настани.
Во рамки на MISSION4WATER, во соработка со Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер, разговорот за микропластиката ја отвори темата што индустријата често ја заобиколува. Со учество на Наташа Сивевска – извршна директорка на TTA и проф. д-р Гордана Вренцоска од Европскиот универзитет Скопје, дискусијата го помести фокусот од симптомот кон системот: каде точно настанува проблемот, кои решенија веќе постојат и како дизајнот може да интервенира уште во својата почетна фаза.
Се оджа и јавен разговор и отворањето на изложбата „ЗЕЛЕНА И ОДРЖЛИВА МОДА: НОРДИСКО-БАЛТИЧКА ПРИКАЗНА“. Проектот е организиран од Амбасадата на Шведска во Северна Македонија, во партнерство со Канцеларијата на Амбасадата на Литванија во Северна Македонија, како и со амбасадите на Данска, Финска и Норвешка во Србија, во соработка со Македонското модно здружение и со поддршка од Нордискиот совет на министри.
Под модерација на Ирина Михајлова, разговорот ги отвори прашањата за улогата на амбасадорите, значењето на нордиско-балтичката соработка надвор од регионот, како и потенцијалот за градење долгорочни партнерства со Западен Балкан.
Во вториот дел, менторката на резиденцијата, Ирина Тошева, ја пренасочи дискусијата од политичкиот контекст кон практичната примена. Дизајнерите Ане Шарлинг Тофт (Данска/Норвешка), Ана Рингстад (Норвешка), Јустина Семченкаите (Литванија), Тува Самуелсон (Шведска), Мико Пелтонен и Билел Сехли – HÄN (Финска), заедно со македонските автори Андреа Атанасова, Ивона Мицановска, Ева Давкова, Марија Роглева и Солза Поповска, говореа за одржливоста не само како концепт, туку и како конкретен метод на работа.
Во рамките на Моден бикенд се одржа промоција на книгата „Облеката и модата, од историјата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ, авторка чиј долгогодишен труд претставува еден од ретките систематизирани записи за развојот на модата во поширок културен и историски контекст. Нејзината работа е сведоштво за време, за естетика и за континуитет што често останува незабележан во брзината на современата индустрија.
Во рамки на настан што се занимава со иднината, нејзиното присуство потсети на нешто суштинско, дека секоја трансформација има своја основа. И дека модата, колку и да се менува, секогаш се потпира на знаењето што некој претходно го оставил зад себе.
Јавниот разговор „3D и AI во модата“, реализиран во рамки на Erasmus+ иницијативата Green DigiFashTechManager е двегодишен европски проект финансиран од Европската Унија, поддржан од Green Land Group, Македонското модно здружение и Fashion Weekend Skopje и функционираше како клучен интелектуален сегмент на денот. Како рамка низ која се чита целото издание.

Настанот беше проследен со изложбата „3D & AI во модата“, која понуди увид во актуелните практики на пресекот помеѓу модниот дизајн, 3D технологијата и вештачката интелигенција, со посебен фокус на новата генерација дигитални креативци.
Програмата ја отвори текстилниот инженер и 3D моден дизајнер Ангела Доневска, која ја претстави својата колекција “Deep Within – Hologram Collection” во соработка со Neonflex.mk. Колекцијата функционира како визуелен експеримент во кој дигиталната мода се среќава со бруталистичкиот пристап, поставувајќи прашања за границите помеѓу уметничкиот израз и технолошките можности.
Во продолжение, директорката на Семос Едукација, Ангелина Канчевска, се осврна на улогата на вештачката интелигенција во едукацијата и дизајнот.

Во рамки на соработката со Fashion Weekend Skopje, 17 студенти и алумни од Академијата за графички дизајн развија повеќе од 33 креативни решенија за визуелниот идентитет на FWSK32, користејќи AI алатки и дигитални медиуми. Официјалната насловна визуелизација е дело на Едита Зекировиќ, а делата беа изложени како дел од програмата, потврдувајќи дека новиот визуелен јазик веќе активно се развива.
Модниот дизајнер Никола Ефтимов ја надополни дискусијата со својот проект “The Vein of Light”, отворајќи прашања за улогата на AI како активен елемент во креативниот процес, а не само како техничка поддршка.
Значаен сегмент од програмата беше и презентацијата на европскиот проект Just Fashion, претставен од Даниела Милошеска, креативен директор на Bastet Noir. Проектот се фокусира на развој на одржливи модели на производство преку дигитални алатки, вклучувајќи виртуелна кастомизација и дигитално прототипирање, со цел скалирање на made-to-measure пристапот во модата.
Фото: Ѓоргји Ристоски, Горан Бошковски




















































Нема коментари