Новата колекција на дизајнерката Александра Митковска, „Премиера“, од која произведе поголем сериски број, се најде во продажба во концептуалната продавница „П1“ во Белград. Станува збор за доразработената верзија на колекцијата есен-зима 2013-14 која премиерно ја претстави на последното издание на на Модниот викенд – Скопје.
Неколку дена пред Новата година во својот продажен простор Vibrazioni by Aleksandra Mitkovska во Скопје ја промовира серијата од 3.000 парчиња иницирани од оваа линија. Со ова Митковска веројатно е првиот македонски моден дизајнер кој направил сериско производство на својата тековна колекција. Креациите се изработени во Македонија, а наменето за домашниот и странскиот пазар.
Во линијата има зимски капути и палта направени од висококвалитетни ткаенини, неколку вида на сакоа со интригантен крој, фустани со волуменозни делови и со кариран принт, здолништа и панталони, сите произведени во три величини. Во продолжение е lookbook снимен со моделите Надица Толевска и Маја Ристевска, шминката и фризурата се на Зоран Шурбевски, а фотографиите на Zaga Production.
Нема коментари