Изложбениот простор на Музејот на современа уметност деновиве беше исполнет со модни ревии и претставувања кои често реферерирураат на сликарски техники и артистички перформанси. Во рамките на 33-та сезона на Моден викенд Скопје/ Fashion Weekend Skopje, се поврзуваа модата, уметноста и одговорноста кон иднината, приказите на искусните модни дизајнери и на новите таленти, активизмот преку модна аукција, разговори и изложби кои повикуваат на одржливост и зачувување на природата.
Програмата на вториот ден на Моден викенд ја отвори „Wear the Change: Fashion Auction with a Cause“, модна аукција која ги поврзува авторскиот дизајн и филантропијата. Иницијативата на Никола Булески, Македонското модно здружение и граѓанската организација КОНЕКТ ја поставува модата во непосредна врска со солидарноста и со можноста креативноста да придонесе за заедницата, под покровителство на Амбасадата на Франција и со поддршка од Фондацијата „д-р Верица Механџиска“.

На линија на поврзување на модата и сликарството твореше Силвија Михајловска од брендот Алшар која во колекцијата Living Canvas искреира облека која е рачно насликана. Таа ја претвори облеката во живо платно и инспирирана од современата уменост, особено од апстрактниот експресионизам, прикажаа креации насликани од повеќе уметници – Микица Трујкановиќ, Љубица Мешкова Солак, Лазе Трипков, Катерина Таневска, Нина Симовска, Марија Чепишева и Гоце Наневски, како и од младиот уметник, нејзиниот син Михаил Костиќ. Интензивни бои, флуидни форми и асиметрија, како и рачно насликани материјали инкорпорирани во креациите на Алшар.
Со „VESPERTINE“, Terziya ја пронајде својата инспирација во самракот, во мигот кога познатото станува мистериозно, силуетите омекнуваат, а имагинацијата го презема просторот. Втемелена во мрачниот романтизам, колекцијата ја истражува деликатната напнатост меѓу силата и ранливоста, воздржаноста и желбата, интимноста и дистанцата.
Палетата ја гради таа атмосфера преку длабока виолетова, црна и богати кафеави тонови. Виолетовата носи мистерија и сензуалност, црната тивок интензитет, а кафеавата земјена топлина. Суптилните златни акценти се појавуваат како последни траги од сончевата светлина.
Анастасија Атанасовска отвори ново поглавје за A2 Atelier со „HER THORNS“, колекција која ја опишува како своја досега најсложена и најпосветена на деталите. Целосно рачно изработени, парчињата ја ставаат во преден план работата зад конечниот изглед, часовите посветеност, прецизноста и вниманието кон секој детаљ. Инспирирана од симболиката на розите и нивните трње, колекцијата раскажува за жена чија убавина ги опфаќа и нежноста и способноста да се заштити. Трњето е суштински дел од нејзиниот карактер и посебност.
Warm Metal го насочи вниманието кон маицата, едно од најпознатите и најсекојдневни парчиња во гардеробата. Претставувањето, најавено како студија за маиците и природата на облеката, го постави овој едноставен предмет во центарот на авторското истражување.
Во контекст на издание посветено на модата и современата уметност, ваквата појдовна точка отвора простор да се размислува за облеката и надвор од нејзината вообичаена употреба. Што гледаме кога гледаме маица и што сè може да стане предмет на дизајнерско истражување во нешто што секојдневно го носиме? Со овој фокус, Warm Metal внесе поинаков агол во вечерната програма.
Bikova Studios ја претстави „Cherga“, колекција во која чергата е симбол на праг, премин и почеток. Познатиот предмет од домот станува појдовна точка за влегување во нов простор и нова авторска насока.
Инспирацијата доаѓа од фрагменти од графичките дела на Драган Биков, дедото на дизајнерката. Пренесени од хартија во текстил, тие добиваат нов живот преку материјалот, конструкцијата и облеката. Семејното уметничко наследство се продолжува во друг медиум, а враќањето кон корените отвора можност за движење напред. Во „Cherga“ се среќаваат традицијата и бунтот, рачната работа и современиот израз. Колекцијата ја задржува блискоста на домашниот предмет, истовремено преиспитувајќи што може тој да стане кога ќе се пренесе на телото.
Во рамките на програмата видовме четири авторски пристапи во нордиската и балтичката приказна преку меѓународната програма „REEN AND SUSTAINABLE FASHION: THE NORDIC-BALTIC STORY. Се одржа јавен разговор „Fashion, Contemporary Art and Sustainability“, модериран од проф. д-р Гордана Вренцоска, со учество на Силе Дамгор, Ана Рингстад и Тува Самуелсон. Дискусијата ги разгледа врските меѓу модата и современата уметност, начините на кои одржливоста се толкува и изразува преку современите модни практики и нивното значење за општеството и модната индустрија. Прашањето за одговорноста на модната индустрија доби конкретен фокус во разговорот „Invisible Threads: How Microplastics Impact Our Water & How Design Can Fix It“.






































Нема коментари