Фотографијата со наслов „Балет“ на Маја Златевска е избрана за најдобра на конкурсот „Емотивната страна на културата“ во организација на „Еуролинк осигурување“. Триесеттина фотографии беа претставени на изложбата што вчеравечер беше отворена во Македонската опера и балет во Скопје, во рамки на проектот „Денови на фотографијата“. Стручното жири, составено од познати фотографи и уредници, покрај победничката Маја Златевска, која ќе добие ваучер во вредност од 60.000 денари, ги награди и Виктор Поповски и Елена Илиоска кои за втората и за третата позиција освоија по еден ваучер од 30.000, осносно 15.000 денари.
Изложбата во МОБ ќе биде отворена до среда, 10 декември 2014 година a средствата од продажбата ќе бидат донирани во одделот за Дигитални уметности (фотографија) во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, додека 12 фотографии, вклучувајќи ги и наградените, ќе се најдат во календарот за следната година.
Во периодот од 15 октомври до 15 ноември 2014 година пристигнаа околу 200 фотографии на тема „Емотивната страна на културата“ на „Фејсбук“-профилот на „Еуролинк осигурување“. Вљубениците во оваа уметност, аматери и професионалци, испраќаа свои дела со најемотивните моменти од концерти, претстави, перформанси и други културно-уметнички и забавни манифестации.
Проектот „Денови на фотографијата“ е дел од платформата за општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности” чија цел е поддржување и афирмирање на македонската култура и уметност.
Нема коментари