Во срцето на Барселона се наоѓа првото ремек-дело на славниот архитект Антони Гауди – Casa Vicens (Каса Висенс), куќа изградена пред 136 години, која се смета за една од првите Арт Нуво градби и е првата што славниот архитект ја проектирал. Изградена во еклектичен стил типичен за Гауди, кој комбинира рани елементи на Арт Нуво со арапски и шпански влијанија, со готика и мавритански стил, оваа градба од 2005 година оваа е на списокот на светско наследство на УНЕСКО и е претворена во музеј.
Но, оваа есен, двајца среќници ќе ја доживеат Casa Vicens не како посетители на музејот, туку како гости или привремени станари за една ноќ. На 12 јули во 16 часот на Airbnb, по принципот прв дојден прв услужен, ќе може да се изнајми куќата на 24 часа. И тоа по симболична цена од едно евро. Звучи како многу конкурентен натпревар, но ќе биде услужен оној кој прв ќе се обиде да ја букира оваа куќа.
Што ќе биде овозможено со букирањето? Еднодневниот одмор започнува со запознавање на историјата на градбата спо помош на домаќинот на Airbnb, проследено со декадентна гозба инспирирана од Гауди и достојна за Мишелин ѕвезда, во масивната трпезарија на куќата. По вечерата следи пијалак во собата за пушење, уживање низ куќата и градината. Двајата гости ќе преспијат во главната спална соба, а следниот ден ќе уживаат во медитерански доручек поставен во градината.
Casa Vicens е полна со детали, бои и декорации во манирот на Гауди, со бројни инспирации и референци. Таткото на каталонскиот модернизам ја проектирал оваа куќа како нарачка на индустријалецот Мануел Висенс и Монтанер. Гауди целиот живот работел и живеел во Барселона, каде што дизајнирал бројни ремек-дела по кои градот е познат – Каса Мила, палатата и паркот Гуел, Каса Батљо, недовршената катедрала Саграда фамилија. Casa Vicens сега е музеј кој можете да го посетите секое време. Освен во период кога двајцата среќници ќе престојуваат на еднодневен престој…
Нема коментари