Модната куќа „Шанел“ преку видео и фотографии ја претстави новата ресорт колекција наречена „Прошетка по Медитеранот“
„На почетокот, го имав предвид Капри, каде што требаше да се одржи ревијата за оваа колекција, но на крајот тоа не се случи заради карантинот. Моравме да се прилагодиме. Не само што решивме да ги користиме ткаенините што веќе ги имавме, туку и колекцијата генерално се разви во правец на патување кон Медитеранот… Острови, мирис на еукалиптус, розови нијанси на бугававила. И слободен, лежерен изглед инспириран од легендарните актерк кои 60-тите се одморале на италијанската и француската ривиера. Сето тоа се одразува во колекција“, вели Виржини Вјар, креативната директорка на „Шанел.“
Шармот на 60-тите години се чувствува во новата колекција во која има беспрекорни костими, фармерки и бермуди во стилот на оваа декада, лесни и прозрачни фустани и заводливи костими за капење. Во колекцијата има бела, црна, корална, сина боја, но главна нијанса е розовата позајмена од цветот бугававила.
Инспирирана од интернационалниот џет-сет од 60-тите години, Вјар тргна на замислено патување низ Медитеранот, од островот Капри до француската ривиера. На оваа регата, дизајнерката собра совршена гардероба за сите канони на морските одморалишта. Таа замисли дека целата гардероба потребна за деновите за одмор може да се смести во еден куфер. Облеката е повеќенаменска и лесно може да се трансформира и прилагоди во различни прилики.
Колекцијата е претставена преку фотографиите на Карим Садли на кои позира Мика Арганараз, една од музите на поранешниот креативен директор на куќата, Карл Лагерфелд, потоа преку „лукбук“ и видео.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрени на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари