Со цел да креира долгорочно и одржливо решение за заштита на животната средина и намалување на штетното влијание на пластичните кеси врз околината, компанијата dm одлучи целосно да ги повлече од продажба пластичните кеси за една употреба.
Оваа одлука ќе стапи на сила од 21 октомври 2019 година во сите dm дрогерии во Македонија, при што компанијата ќе продолжи да им нуди еколошки алтернативни решенија на купувачите за транспорт на купените производи како што се: хартиени кеси, повеќекратни ПВЦ торби и трајни dm памучни торби.
Со повлекувањето на пластичните кеси од употреба, dm стана првата компанија во земјава која презеде ваков конкретен чекор за заштита на животната срединаво која делува. Како што истакнуваат од компанијата, оваа одлука е дел од општиот стратешки правец на dm како компанија која настојува во сите сегменти на своето работење да делува општествено одговорно. Оттука со ваквиот чекор, компанијата сака да ги мотивира своите потрошувачи при пазарувањето да користат сопствени повеќекратни торби, наместо еднократни пластични кеси, со цел промоција на одржлив начин на живот.
Од 1 октомври 2015 година, компанијата dm е прва на пазарот која им понуди на потрошувачите еколошко прифатливо решение за транспорт на набавените производи, како што е dm трајната памучна торба. Со купување на оваа торба потрошувачите добиваат доживотна гаранција за истата, која подразбира дека доколку торбата се оштети или искине, истата ќе можат бесплатно да ја заменат со нова во било која dm дрогерија.
Со одлуката целосно да ги повлечат кесите од продажба, компанијата настојува позитивно да влијае на еколошко одговорно однесување на купувачите, но и да делува како пример во својата заедница, со цел да ја зачува за идните генерации.
Експертите посочуваат дека пластичните кесите не се во потполност био разградливи, туку се разградуваат на ситни парчиња кои содржат токсични супстанци. Овие токсини ги загадуваат почвите и водата, со што директно влијаат врз синџирот на исхрана за разновидни животни.
- Со повлекувањето на пластичните кеси од нашите дрогерии сакаме да бидеме пример за одржливост и одговорно однесување кон животната средина. Свесни сме дека одлуката да ги повлечеме од употреба пластичните кеси на почетокот можеби ќе наиде на негодување од страна на потрошувачите и затоа на нашите купувачи им го ставаме на располагање органскиот памук како долгорочно алтернативно решение. Најважно ни е да влијаеме врз свеста на нашите потрошувачи и да почнеме заеднички да ги менуваме навиките кон остварувањето на повисока цел, почиста животна средина – изјави регионалниот менаџер на dm во нашата земја, Билјана Миленовиќ на денешната прес-конференција на која компанијата официјално го објави повлекувањето на пластичните кеси од употреба.
На конференцијата за новинари присуствуваа и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, кои ја поздравија одлуката на компанијата dm и ја посочија како пример за општествена одговорност.
– За жал, во нашата држава во процесот на генерирање на стакленички гасови, отпадот е на второ место после индустријата, и ако сакаме да ги намалиме емисиите на стакленички гасови согласно Парискиот договор и согласно барањата од климатските самити, ние мораме да се справиме со изворите на загадување и од овој тип, како што се платични кеси – изјави заменик-министерот Јани Макрадули.
Укинувањето на пластичните кеси од 21 октомври ќе се реализира во сите 16 dm маркети низ земјава, а повеќе информации за кампањата може да се добијат на следниот линк: https://www.dm.mk/mk_homepage/pr-makedonija/1171304/plasticni-kesi.html
Нема коментари