Во новогодишното интервју генералниот менаџер на болницата Неуромедика, д-р Емил Угриновски, вели дека ковид кризата ќе ја победиме и ќе излеземе посилни
Неуромедика е првиот приватен медицински бренд во Македонија кој веќе 29 години работи на полето на современа и напредна здравствена заштита на пациентите. Како и сите останати здравствени институции кои беа засегнати и се бореа изминатата година, така и Неуромедика успешно се бори со предизвиците кои што ги донесе пандемијата на вирусот Ковид-19. На оваа тема разговараме со Генералниот менаџер на болницата Неуромедика, Д-р Емил Угриновски, кој отворено и искрено зборува за се што помина, но и што нè очекува во 2021 година.
Се наоѓаме во екот на најголемата епидемија, речиси една година од почетокот. Д-р Угриновски, дали го очекувавте ваквиот развој на настаните?
Речиси една година се наоѓаме во екот на најголемата здравствена криза во последниот период, можеби и во историјата на човештвото, во кое што една година тотално се промени животниот стил на луѓето со сосема други навики. Ако некој пред една година ми кажуваше дека нема да може да се седне во ресторан, кафеана со пријатели и дека ќе мора да се носи маска, дури и во возило и на отворен простор и слично, ќе помислев дека сето тоа е лудо. Сега, навистина се најдовме во ситуација тоа да биде нашата реалност без која што не може човештвото да се замисли, да се носи и нормално да функционира. Дури и ова интервју го правиме под маски, факт кој сам зборува дека тоа е нашата реалност. Лично не сум навикнат да зборувам под маска, бидејќи сосема е друг принципот на функционирање , но тоа за жал тоа е реалноста во моментот и мораме да се носиме со истата. Јас уште вториот, третиот ден после избивање на пандемијата кај нас во Македонија, до вработените напишав едно писмо во кое што ја опишав ситуацијата и ги информирав дека ова ќе биде долга борба. Борба во која што сите мораме да дадеме свој придонес, сите ќе имаме последици, не само од здравствен аспект, туку последици по стилот на живеење. Сите помалку ќе имаме во финансиска смисла, помалку ќе трошиме и ќе си го лимитираме начинот на живот, почнувајќи од социјалната сфера, со социјалното дистанцирање од луѓе и од пријатели, од семејството па сé до промените во бизнис сферата.
Се уште има огромен дел, можеби 30% од луѓето кои што работат од дома и кои што не се присутни на работа, што придонесува кон социјалното дистанцирање. За жал или за среќа, ние во здравството мораме да бидеме присутни секојдневно и сме на првата борбена линија. Сето тоа чинеше и многу човечки животи на здравствените работници, меѓутоа ако во војна војниците се тие кои што се жртвуваат и се во првите борбени редови, во здравствените пандемии се здравстевните работници. Токму затоа, секој треба да им оддаде почит за трудот кој што го вложуваат во спроведувањето на овие нови критериуми и на лекување на социјална дистанца. Секој човек треба да биде горд на нив, како што сме ние горди што сме здравствени работници што во моментот се на првата борбена линија.
Што е тоа што треба да се промени во моментов во здравствениот систем во Македонија и каква е улогата на приватниот здравствен сектор во справување со кризата?
Во екот на пандемијата морам да напоменам дека здравствените власти преземаа сé што е во нивна моќ за да може да се справат со оваа нова ситуација. Би рекол дека на почетокот, како и сите, беа несигурни и немаа искуство како треба да се справат со кризата, што треба да се преземе и така натаму. Токму затоа беа земани искуства од соседните земји и од земјите во поразвиениот свет. За жал, имаше и лоши примери во целата таа ситуација. Некои од најразвиените земји во светот како САД надвор од Европа, или Белгија и Италија во рамките на Европа, имаа најголем процент на смртност.
Така што тие не се некој показател и пример по кој може да се водиме. За споредба, нашите здравстевени власти сосема солидно се справија-можеби направија грешки во бројот на тестирања на почетокот, но тие беа многу мали за да сега се сведат на една објективна бројка од 3000 тестирања дневно, што за Македонија е сосема солидна бројка.
Секогаш велам дека може повеќе и подобро, меѓутоа товарот кој државата може да го издржи, акцентот би го ставил на справувањето на приватното здравство со комплетно другите проблеми во врска со ковидот. Знаеме дека речиси сите јавни здравствени установи станаа Ковид центри, бидејќи тоа е обврска на државата да им ја даде услугата на пациентите, а во исто време ако тие Ковид одделенија во нервната, очната, кожната клиника или болниците по градовите во Македонија не станеа Ковид центри, ќе немаше услови да им се пружи помош на пациентите кои што имаат потреба од тие дејности.
Токму заради тоа акцентот беше ставен на приватното здравство. Можам да кажам дека приватното здравство го држеше и сé уште го држи здравствениот систем, бидејќи одговорноста на овој сектор е во моментот многу поголема за разлика од претходно. Сите ние имаме многу повеќе пациенти кои што доаѓаат, ги бараат услугите, прво затоа што не сакаат да се мешаат во ковид центрите, за да не дојдат во контакт со позитивни пациенти и второ бидејќи брзината и квалитетот на приватното здравство се далеку на повисоко ниво отколку што се во државното здравство. Така што приматот, во оваа речиси една година од пандемијата, го презема приватното здравство во лекувањето на пациентите од другите проблематики. Дури постојат цели болници, како што е „8-ми септември“ и другите болници во помалите градови кои што се Ковид болници, не примаат други пациенти или примањето е лимитирано. Операциите се одложуваат или закажуваат за една година и слично, што е недопустливо да може да функционира еден здравстевен систем. Токму заради тоа, акцентот беше и се уште е ставен на приватните болници. Морам да кажам и да нагласам дека тие беа двигатели на здравствениот систем, што се покажа дека во Македонија навистина има квалитетни приватни здравствени установи кои навистина може да го издржат овој наплив на зголемен обем на работа со пациенти.
Во месец март, на самиот почеток на кризата, Вие на вработените во Неуромедика им испративте едно писмо во форма на меил каде што искрено, смирено и со поддршка им ја објаснивте ситуацијата и очекувањата од истата…
Токму така, како што и претходно напоменав, во месец март јас на моите вработени веднаш после почетокот на Ковид пандемијата во Македонија, само после неколку денови, испратив писмо во форма на меил, во кое што многу искрено и многу професионално им го кажав сето она што следи.
„Деновиве сме исправени можеби како никогаш во поновото модерно време пред два огромни и сериозни предизвици, кои знам дека во буквална смислљ на зборот нема кого длабоко не го допираат.
Првиот предизвик е новиот корона вирус, а вториот предизвик се последиците на економијата кои епидемијата ќе ги остави на сите нас.
Она што мене ме плаши како многу искусен менаџер е што тука не е крајот, туку само почетокот на длабока, длабока економска криза, во која секој од нас ќе почувствува огромни последици, би рекол долгорочни….
Ни следат тешки моменти, навистина тешки, каде секој ќе биде засегнат, но јас сум секогаш оптимист и знам дека двете битки ќе ГИ ДОБИЕМЕ.
ЗНАМ ДЕКА ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ И МОЖЕМЕ.
Ви благодарам од срце за разбирањето и заедничката битка“
Можеби дел од луѓето во моментот не беа свесни за идните случувања, меѓутоа јас имав навистина визија што не чека и дека ова ќе биде долгорочна борба во која што нормално, човештвото како и секогаш, ќе излезе победник, меѓутоа ќе има огромен број на последици. Пред се, многу жртви, многу нарушени бизниси, многу намалени приходи и примања, многу луѓе ќе останат без работа, многу луѓе ќе го променат социјалниот живот. Да ми кажуваше некој дека сите локали и ресторани ќе бидат затворени и дека нема да може да седнеме и да вечераме со фамилијата, со пријатели, колеги и деловни партнери, јас навистина ќе се насмеев. Дополнително на тоа, полицискиот час е една од работите кои навистина го смени секојдневието, бидејќи со денови седевме затворени дома. Сетоа тоа изгледаше многу чудно, траорно и тмурно ако некој го кажеше пред пандемијата. Но, сето тоа јас го предвидев и така се случи моето обраќање во форма на официјален допис до своите вработени. Единствено нешто што можеби не го предвидев беше должината на кризата. Ако некој ме прашаше, моето мислење ќе беше дека ќе трае само неколку месеци. Да бидам искрен, мислев дека со текот на летните месеци или после нив, тоа ќе исчезне. Но, за жал, се се врати во уште поголем обем и поголеми последици, меѓутоа мора битката да биде долга и човештвото да се бори, за да на крајот да извојува победа и да се вратиме на нормалниот стил на живот.
Неуромедика е единствената болница која овозможува општа и домашна специјалистичка посета на пациенти позитивни на Ковид – 19 вирусот, како и можност за рентен дијагностика на истите . Во кој момент одлучивте дека е време за ваков чекор?
Неуромедика навистина е единствената болница која во моментот овозможува и домашана посета како од општа пракса и специјалистичка служба, така и рентген дијагностика на сите Ковид- 19 позитивни пациенти и нормално санитетски транспорт во и надвор од Македонија. Ако на почетокот наидовме на еден отпор од здравствените работници заради стравот кој се појави од вирусот, после неколку месеци од пандемијата кога видоа дека болеста не е непобедлива, дека сето тоа може да се превенира и да се заштити секој здравствен работник, веднаш преземавме мерки со цел сите овие служби да функционираат, од причина што знаеме дека има една огромна категорија на луѓе која нема каде да се обрати, а се во добра здравствена состојба, стабилни ковид позитивни, не може да бидат однесени во болница бидејќи болниците не ги примаат, тие се лекуваат во домашни услови. Токму ним им е потребна и медицинска нега и терапија. Веднаш реагиравме и станавме првите и единствените во Македонија кои што ги изведуваат домашните посети од општите лекари и од специјалистите, што нé прави посебно горди бидејќи сме спасиле многу човечки животи, сме помогнале.
Но, за жал има и ситуации во кои што додека дојде екипата во тој половина или еден час, е веќе доцна, што ми е навистина жал и ме прави да бидам тажен за целата ситуација.
Од друга страна, повторно ќе нагласам среќен сум што сме спасиле многу животи. Исто тука би го потенцирал и санитетскиот транспорт. Свесни сме дека секое санитетско возило во овој момент е значајно за здравството.
Ние сме институција која што со нашите неколку санитетски возила, транспортираме пациенти од една во друга установа, од еден во друг град, од една во друга болница, за приватните но и за државните болници и за наши пациенти. Тоа се постоечки факти од сите овие служби кои што ги имаме ставено во функција за да може сé беспрекорно да функционира, а на кои сум посебно горд.
Кога сметате дека ќе врати животот во нормален тек, онака како што беше пред пандемијата?
Моите предвидувања дека животот ќе се врати во нормала се во оној момент кога повеќе од половина од популацијата ќе ја прими вакцината. Прво се поставува прашањето колку фармацевтската индустрија е подготвена да произведе, бидејќи она што го знаеме се вакцина и ревакцина, односно 2 дози, од причина што имаме околу 7,5 – 8 милјарди луѓе, што значи ако половината примат по 2 пати, тоа е една огромна бројка и потребно е време за да се произведе таа вакцина. Моите предивидувања се дека за враќање на нормалата не е само значајно да се врати животот како претходно во нашиот регион и во Европа, бидејќи знаеме дека многу од луѓето ќе мора да патуваат и надвор од Европа, во повеќе и помалку развиените земји. Потребно ќе биде да се нормализира комплетно човештвото. Тоа би било во оној момент кога повеќе од 50% од популацијата, ќе се вакцинираат со вакцина против Ковид-19. Мојот став е дека ако од денеска се почне со вакцинација, тоа би траело од прилика една година. Што значи, крајот на другата година би требало веќе сериозно да почнеме да се враќаме во нормала.
Свесен сум дека долго време потоа ќе има последици, пред се од социјален и од економски аспект. Социјалниот живот комплетно ќе замре, здравствениот сектор ќе биде преморен, веќе е преморен, сигурно ќе биде уште двапати повеќе преморен, меѓутоа мора човештвото да се бори за сето тоа да го победи и сите заедно да се избориме со оваа пандемија.
Сепак, ние како држава Македонија морам да напоменам дека не сме многу моќни самостојно во обезбедување на вакцините. Сигурен сум дека во Македонија уште долго време таква вакцина нема да се произведува бидејќи немаме капацитети. Значи зависни сме од увоз на оваа вакцина. Знаеме дека каде се парите таму е моќта. Тоа што развиените земји можат да си дозволат да си ги купат овие вакцини, ние не можеме, секогаш ќе бидеме во втор план, факт со кој мора да се помириме. Меѓутоа од друг аспект, наша среќа е што се наоѓаме во регионот на Европа опкружени со земји од Европска унија, со бизнис и социјални контакти со земји од развиениот свет и од Европа. Така што, тие сакале или не, ќе мораат да не стават нас на мапата на вакцинирање што автоматски носи можност да се искористи малку повеќе. Забележувам дека сега се јавуваат некои донации од земји членки на Европската унија во нашето соседство, кои имаат економски, социјални и бизнис бенефиции ние како Македонија, што побрзо да почнеме да се заштитуваме со вакцината.
Сега, тука е улогата на здравствените власти и во нашата земја и надвор, како ќе ги натераат и мотивираат луѓето да се вакцинираат. Сведоци сме овие денови како во некои развиени земји почна да се спроведува вакцинацијата на луѓе кои што се авторитети, како на пример Џо Бајден, новоизбраниот претседател на САД. Не случајно е тоа направено и тоа е добро, јас ја поддржувам вакцинацијата без разлика каква и да е, сметам дека е многу подобро човек да се вакцинира отколку да живее вештачки под маски, бидејќи животот под маски не е возможен. Кога би бил возможен таков живот од долгорочен аспект, сигурен сум дека така би се родиле ние – со маски на себе. Исто како што шал не се носи цела година, туку само кога има потреба. Така што од таков аспект сметам дека здравствените власти и авторитети треба сериозно да го принудат човештвото да се вакцинира. Со овој став можеби ќе наидам на критики од тие што се против вакцинацијата, меѓутоа јас апсолутно стојам зад постапката, бидејќи сигурен сум дека не може да биде полошо и апелирам до сите оние кои што можат и сакаат, а се во категоријата каде што треба да се вакцинираат, може да ја примат вакцината од здравствен аспект, тоа да го направат. Што повеќе, тоа подобро, затоа што на тој начин ќе ги заштитат своите блиски луѓе кои не можат да се вакцинираат. На таков начин ќе придонесат да се заштитат и заштедат многу животи.
Постојат можни мерки кои предвидуваат дека нема да може да се влезе во авион, да се замине на некоја туристичка дестинација без да се има ковид пасош, што е сосема во ред, бидејќи регионите ќе мора да се заштитат. Некои држави предвидуваат поекстремни начини каде што децата нема да можат да се запишат во училиште или на факултет, екстремна постапка која не би ја оправдал до крај, но јас верувам дека треба да се спроведе кај 50% до 60% кај популацијата да се вакцинира. Нормално дека ќе има отпор од разно-разни здруженија и пара-здруженија кои на тој начин ќе сакаат да си дадат на значење, меѓутоа државата и здравствените власти ја имаат таа моќ за спроведување на решението. Ми се допаѓа фактот што прво акцентот прво ќе се стави кај здравствените работници. Ние веќе размислуваме во нашата болница и на списоци да пуштиме за нашите здравствени работници да влезат во таа категорија на први кои што ќе ги примат, за да би можеле да бидат заштитени бидејќи само така ќе можат да им го дадат своето знаење и здравствена нега на тие што им е потребно. Така што, тука сме да помогнеме на секаков начин и сметам дека ќе успееме во тоа.
Како изгледа иднината на Неуромедика за 20тина години од сега, кои се Вашите планови и очекувања?
Многу интересно прашање… Доколку овој момент би го разговарале пред една година, пред пандемијата, би кажал дека никогаш не би ја превидел пандемијата и дека сите планови ќе се стават во втор ред. Меѓутоа, факт е дека се наоѓаме во една најголема економска криза во на денешнината на светско ниво и сите планови секогаш во време на криза трпат измена. Меѓутоа не би биле успешни бизнисмени или директори на болници, луѓе кои што имат визија, доколку не би гледале напред. Ние докажавме дека за овие 3,5 години колку што функционира Неуромедика како болница, дека капацитетот е речиси целосно исполнет и дека веќе сме созреани да градиме нова и поголема болница. Моите размислувања ќе ги сведам во тој план. Македонија е мал пазар, многу брзо се заситува, на хартија има 2 милиони жители, набрзо ќе има попис, па ќе видиме која е реалната бројка.
Моите предвидувања се дека многу помалку луѓе живеат тука, така што со сето тоа си се менуваат сите бизнис планови. Моите визии се да изградиме во наредниот период уште една болница која што ќе биде поголема од оваа и нормално ќе ги следи потребите на пациентите. Во меѓувреме, секогаш ќе го имаме статусот на бренд лидер во својата област кој ќе има врвни доктори и специјалисти од сите области, врвни услуги кои пациентите ги користат и ќе ги користат во иднина и нема да има потреба да одат во странство. Тоа ќе ни биде приоритетот како и помагање и прифаќање на врвните медицински брендови и едукацијата на кадарот. Мислам дека набрзо ќе дојде време во кое што Македонија ќе има недостаток од добар кадар, тука го гледам и акцентот на нашата болница на што е можно подобра едукација во светските центри.
Д-р Угриновски, на крајот сме на една многу тешка година за сите нас која влијаеше здравствено, финансиски и емотивно…Што ќе посакате на 31 декември, кога стрелките ќе се спојат?
Најубавото прашање кое што може да се посака. За неколку дена истекува оваа навистина тешка година, ќе ја паметиме 2020 година како една тешка кризна година и првото нешто што ми паѓа на памет кое што ќе си го посакаме кога стрелките ќе се спојат на 31 ви декември јас би рекол дека ќе биде „Здравје, Здравје и само Здравје“ и акцентот ќе го ставиме само на тоа. Тука кога велам здравје на сè она што го подразбира здравјето и од социјален аспект од заштита, од спроведување на мерки итн, оваа година ќе си посакаме тоа, а наредните години ќе си посакаме сè друго да ни се исполни од аспект на бизнис, на тоа што сакаме да си го купиме или тоа што сакаме го оствариме, меѓутоа секогаш знаеме дека ако немаме здравје тоа е невозможно. Така што јас уште еднаш ќе потенцирам-кога ќе кажам здравје, кажувам сè понатаму. Би сакал тоа да биде една парола и главен акцент на сите да си го посакаат тоа, и сите оние кои што знаат што значи тоа, многу убаво ме разбираат, така што со самото тоа се надевам дека 2021 година, ќе биде многу подобра , многу поздрава и многу успешна година за сите нас. На сите им посакувам пред сè добро здравје!
Нема коментари