Новата колекција на Ентони Вакарело за „Сен Лоран“ за есен-зима 2018/19 се повикува на модното творештво на основачот на куќата Ив Сен Лоран, и комбинира стилови инспирирани од жените во 80-тите. На ревијата одржана во близина на Ајфеловата кула во Париз, Вакарело прикажа серија на црни креации – кожни шорцеви, куси фустани, деликатни проѕирни блузи, сакоа и пелерини, панталони со должина над глужд, модели со нагласени раменици. Црната боја е раскршена со сребрени светкави материјали, каро и животинска шара, а во финалето беа претставени мини фустани со цветен дезен и со раменици кои потсетуваат на модата на 80-тите. Иако колекцијата е претежно во една боја – црната – Вакарело приказната ја надополнува преку спојот на разни текстури – сјајна и мат кожа, кадифе, свила, тантела, светки. Стајлингот е дополнет со елегантни шапки, чанти, чизми на платформа и сандали со пердуви, долги обетки и масивни алки. Покрај женски претставени се и машки креации во кои исто така доминираат црната боја, сребрените акценти и кадифените костуми. Евидентно е навраќањето на модното наследство на Ив Сен Лоран, а Вакарело се инспирира од моќните жени од 80-тите, музите на основачот на куќата како Бети Катру, Лулу де ла Фелаз, и од парижанката боемка.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари