Петтата самостојна изложба на Нина Симовска под наслов ‘Inner warriors’/„Внатрешни Воини“ ќе биде отворена на 10 јуни, во 18 часот, во Котур
Симовска ќе претстави серија на дигитални портрети која како идеја започнува за време на карантинот во 2020 година и е слика на внатрешните, длабоки емоции и борби на уметникот за време на социјалната изолација. Барајќи одговори таа создава едно свое „племе“ од ликови и карактери т.н. внатрешни воини кои се презентација на сите нејзини размислувања, емоции како страв, тага, осуда и слично. Портретите се движат помеѓу реализам и илустрација, со забележително присуство на цветна контура која означува оптимизам, раѓање и нов почеток.
Изложбата се заокружува како дневник и патепис на едно интимно доживување на уметникот кој во несекојдневни услови останува да зрачи светлина и да биде одговор, отпор и внатрешна борба во која секогаш ќе победи човештвото.
Нина Симовска е уметник, илустратор и муралист и стои позади дизајнерското студио ‘Just Because’. Таа е дипломиран археолог на катедрата за историја на уметност при универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје. Со цртање започнува уште од најмала возраст, инспирирана најчесто од сликарските платна на татко ѝ. Во својот личен уметнички израз, Нина, е во потрага по своја сопствена естетика и личен печат, најчесто барајќи го во несовршеноста на карактерите и портретите кои ги создава. Таа сака да го предизвика набљудувачот да ги порепознае емоциите вткаени во лицата на нејзините Внатрешни Воини како таа сама така ги нарекува.
Изложбата е од продажен карактер, а на неа ќе може да се купат и принтови во помал формат, дизајнирани маички и бандани по промотивна цена само за присутните гости.
*Дизајн на постер @DaliborSmileski
Нема коментари