На 28 ноември во Музеј на град Скопје, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложба на музички плакати, своевидна ретроспектива на музичкиот живот на главниот град. На изложбата ќе бидат прикажани повеќе од 80 плакати, кои сведочат за најзначајните концерти, фестивали, музички групи и артисти што ја креирале урбаната музичка сцена на Скопје во последните триесет години.
Изложбата е во организација на Баги Комуникации и е уникатна можност да се потсетиме на важни моменти од музичката историја на нашиот град, преку визуелни спомени.
-Музиката е прозорец во душата на еден град. Оваа изложба е можност да се навратиме на најубавите моменти што ги носи музиката, за да ги оживееме спомените на луѓето, местата и времињата кои ја обликуваа музичката сцена на Скопје. Ги покануваме сите љубители заедно да се потсетиме на моментите кои ја создавале урбаната душа на нашиот град – велат
организаторите.
Отворањето на изложбата ќе биде збогатено со настап на пијанистот Бобан Мирковски и гитаристот Мухамед Ибрахими. Исто така, во соработка со неколку средни училишта во Скопје, ќе бидат организирани посети на учениците, со цел младите да се запознаат со музичката историја на својот град и да го почувствуваат влијанието на музиката како важен дел од урбаната култура.
-За мене ова не е само изложба, туку благодарност и признание за сите уметници, артисти, групи, менаџери кои го создаваа музичкиот идентитет на Скопје. Секој плакат на оваа изложба раскажува приказна и ја чува историјата на урбаната култура на нашиот град. Ќе ми биде чест да ја споделам со сите оние кои сакаат да ја почувствуваат душата на Скопје преку музиката – вели Владимир Мандичевски Манде, организатор на изложбата.
Изложбата е помогната од Град Скопје, ќе биде поставена до 7 декември и е бесплатна за сите посетители.
Нема коментари