Новата колекција на брендот Кензо предизвика посебно „зуење“ за време на модната недела во Париз, благодарение на креациите дополнети со пчеларски шешири со широк раб и со мрежаст превез. Дизајнерот Фелипе Оливеира Баптиста, кому ова му е втора колекција за модната куќа Кензо, за модните публикации Vogue и WWD откри дека бил делумно инспириран од документарниот филм „Медена земја“ (Honeyland) на режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а кој ја следи приказната за пчеларката Атиџе Муратова во рурална Македонија.
Филмот го прикажува контрастот помеѓу протагонистката која ги почитува пчелите и го зема само медот што ѝ е потребен за да преживее („половина за мене, а половина за тебе“) и нејзините соседи кои ги исцрпуваат природните ресурси и завршуваат со убивање на пчелите.
-Тоа е една од најстарите соработки помеѓу човекот и природата – изјави Оливеира Баптиста за Vogue, повикувајќи се на пчеларството и на тековната климатска криза.
Дизајнерот открива дека сликата на пчелар му дошла во моментот во кој човештвото преговара со екосистемот.
-Сакав да искажам нешто за кревкоста на ситуацијата во која се наоѓаме. Сите одат на најниската ситуација – страв и вознемиреност – но ние одиме на повисоко: сонуваме за оптимизам и иднина и се враќаме на работите што ни недостасуваа – вели Баптиста.
Колекцијата на Кензо за пролет-лето 2021 беше преставена на ревија на отворено на која се почитуваа протоколите за социјално растојание. Покрај впечатливите пчеларски шапки и комбинациите за „стилски пчелари“, таа содржеше колоритни креации и облека со цветен дезен, лесни палта и шарени фустани.
Во време на пандемија кога се навикнавме да носиме заштита на лицето, дизајнерот предлага долги мрежести велови. Тој вели дека за време на каратинот разгледувал фотографии од пчелари и бил инспириран од „меката заштита“ што ја даваат нивните превези.
Нема коментари