Вечерните тоалети со потпис на либанскиот дизајнер Ели Саб и на италијанската модна куќа „Валентино“ со години се дел од гламурот на црвениот килим, инспирација за следните свечени настани има и во нивните нови haute couture колекции прикажани деновите на Париската недела на висока мода. Ели Саб и дизајнерот на „Валентино“ Пјер Паоло Пичоли, за новите фустани инспирација најдоа во Египет и во Грција.
Ели Саб се повика на Египет од различно доба и во колекцијата за пролет 2017 направи одличен баланс со референците од минатото, од античкиот период, преку залатното доба на арапскиот филм од 20 век до современиот стил од 21 век. Дизајнерот успева да направи облека која е инспирирана од Египет, но не е пародија или костимирана колекција, бидејќи мотивите што ги вметнува преку везот се суптилни и ненаметливи. Доминира сината, бежовата и златната боја, а манекенките на ревијата изгледаа како современи египетски божици.
Божици, но од грчката митологија претстави Пјер Паоло Пичоли за „Валентино“. Пичоли до пред извезен период за оваа модна куќа креираше заедно со Марија Грација Кјури, но откако таа замина да работи за „Диор“, ова е всушност прва couture колекција што ја сработи соло. Пичоли прикажа грациозност во светли тонови, меланхолична елеганција, чистота и поезија, каскадни плисирани фустани кои го допираат телото и транспарентни ткаенини, нежни цветови и, како и кај Саб, извонредна рачна изработка.
ELIE SAAB HAUTE COUTURE SPRING 2017
VALENTINO HAUTE COUTURE SPRING 2017
Нема коментари