Лицата со Даунов синдром се дружеа со македонски дизајнери на предновогодишна работилница што се одржа во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје, на која ја изразија својата креативност правејќи уникатни новогодишни честитки. Модните дизајнери Ирина Тошева и Олгица Ѓоргиева, графичкиот дизајнер Емилија Мишева Старова и студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет, разменуваа идеи и ги поттикнуваа вештините на лицата со Даунов синдром, а компанијата „Линеа“ ги израдува сите учесници со новогодишни пакетчиња.
Работилницата која беше организирана од „Јавна соба“ и Моден викенд Скопје, со помош на активистките Марија Матовска и Росица Колева кои долги години се занимаваат со поддршка на лицата со Даунов синдром, има за цел да допринесе за личниот развој и рамноправен статус на овие лица во нашето општество, како и да покаже дека и покрај својата попреченост лицата со Даунов синдром се со многубројни таленти. Во Македонија постепено се зголемува бројот на организации и индивидуалци кои посветуваат големо внимание на развој и општествена инклузивност на лицата со Даунов синдром.
Нема коментари