Ако изгледате андрогено и сметате дека имате поинаков вид убавина и ја застапувате разноликоста може да се пријавите на онлајн кастингот за ревијата на скопскиот бренд „Лудус“ што ќе се одржи во понеделник (27 јуни) во фоајето на Македонска опера и балет. Две недели по премиерното претставување во рамки на„Скопје креатива“ на „Плаја виста“, Драган Христов, кој стои зад етикетата „Лудус“, ќе ја презентира новата колекција наменета за двата пола- XYYX. Ревијата ќе почне во 21 часот.
-Направивме онлајн кастинг зашто сметаме дека алтернативниот тип на модел може многу полесно да го најдеме на социјалните мрежи отколку на конвенционалните начини. Во првиот ден помина одлично и зачудувачки се пријавија модели што не се занимаваат професионално, но ја познаваат работата на „Лудус“ и сакаа да бидат дел од ревијата на 27.06 во фоајето на МОБ во рамките на изложбата и промоцијата на книгата Heroes for One Day курирана од Нада Прлја и Даниел Серафимовски-вели Драган Христов.
Изложбата „ Херои за еден ден, Навраќање кон три урбани артефакти на словенечките архитекти во Скопје“ е организирана од галеријата „SIA“ , под покровителство на Словенечка амбасада во Р. Македонија. Во склоп на настанот ќе биде промовирана книга, во издание на издавачка куќа „Готен“ заедно со Галеријата „SIA“.
Колекцијата XYYX е родово неутрална, минималистичка, мултифункционална и со андроген крој. Кrеаторот Христов во неодамнешното интервју ни изјави:
-Новата колекција го носи насловот XYYX поради тоа што е родово неутрална колекција, односно безродова. Ова е концепт што „Лудус“ го развива подолго време, но конечно со оваа колекција добива целосна форма. Наместо инспирации, во колекцијата има многу влијанија од сите сфери на уметноста и сметам дека е рестриктивно во креативниот процес да се ограничиме на една или неколку инспирации како и целосно да ги откриваме. Парчињата така стануваат подложни на различни лични интерпретации.Стилот на колекцијата е минималистички, моделите се прилагодуваат на обата пола и на различни тела. Беше особено важно да е направена од висококвалитетни природни материјали како памук и ладна волна. Парчињата се монохроматски (црно-бели) со акценти од сина боја кај додатоците. Креациите се направени со одредена идеја за личностите кои би ги носеле и со тоа сметам многумина од креативниот сектор би се препознале во нив. Неконвенционалноста како нивна заедничка карактеристика (на клиентот и парчето облека) ќе им овозможи да ги адаптираат за разни пригоди, вечерни како и дневни. Акцентот е ставен на скулптурниот пристап во моделирањето на парчињата. Тие се прочистени и минималистични,а мултифункционалоста е овозможена со прилагодувачки додатоци скриени во внатрешноста. Па така, машките асиметрични памучни кошули стануваат вечерни лежерни фустани со нагласен ремен на струкот, а асиметричните здолништа се всушност широки панталони со внатрешен раб.
Колекцијата како проект е целосно поддржана од фестивалот на креативни индустрии „Скопје Креатива 2016“ и е направена специјално за тој настан. Беше снимена и промотивна сесија со фотографката Ана Марија Радосављевиќ , а моделите ги носеа Ана Калачоска, која е постојан соработник на „Лудус“, Леуарт Лека и Кемил Исметовиќ. Шминката и фризурите се на модната блогерка Мартина Неделковска. (А.Н.)
Нема коментари