Славната уметница Марина Абрамовиќ преку видеообраќање ќе се заблагодари за наградата Гран при за животно дело, што ѝ ја доделува „Остен“. Таа утре во 20.20 часот ќе ѝ се обрати на македонската публика, присутна на Биеналето на цртеж во галеријата на „Остен“ во Скопје. Абрамовиќ нема да биде во можност да присуствува на доделувањето на наградата бидејќи истовремено ја отвора својата изложба во Лондон.
Постхумен добитник на наградата „Светско културно наследство“ е Хуан Миро. Тоа се двете главни награди на манифестацијата, за која одлучува бордот на „Остен“ во соработка со амбасадорите. Во интернационално жири членуваат: директор на Националниот музеј на Црна Гора, Павле Пејовиќ, доверителот и програмски менаџер на Интернационалната фондација за музика и уметност (САД), Николас Тау, и Анита Халдеман, кураторка на одделот за цртеж и графика на Музејот во Базел (Швајцарија).
Годинава пристигнале 1.416 дела од 474 уметници од 53 држави. Меѓу наградените автори годинава се: Пјер Пиночели, Сафет Зец, Анка Буриќ, Душан Перчинков, Игор Јосифов, Александар Рафајловиќ, Лукаш Герлак и други. В петок, во изложбениот салон на МАНУ, ќе бидат изложени 150 дела на селектираните автори на „Биеналето“, од домашни и странски автори.
Нема коментари