Модните блогери изминативе седум-осум години станаа моќен двигател во модната индустрија. Во почетокот беа будни следбеници на модата на улиците, потоа добија место во првите редови на модните ревии, следуваше нивно унапредување во модни консултанти и дизајнери, за денеска да се подвижна реклама. Во Македонија, како и многу трендови, блогерите се популаризираа неколку години подоцна. Посебно станаа видливи изминативе две-три години. Уште пред да станат феномен и фактор на промени во модата , скопјанката Мартина Неделковска го направи својот блог Go with the flow (glamurp.blogspot.com), кој е еден од првите кај нас.
>>Авторка си на еден од првите модни блогови кај нас. Како дојде до идеја да отвориш блог или што те инспирира?
-Немав некоја посебна идеjа и инспирација за блогот. Моментот ми дојде спонтано, едноставно, по многу седење на интернет, прелистување на блогови и модни портали во тој период. Низ годините блогот остана константен. Нема никакви промени, во главно се тоа инспирации, едиторијали, фотографии, музика и уметност… А за фидбек и следбеници не знам, мислам дека има. Искрено тоа не ме оптоватува воопшто.
>>Зошто се одлучи за називот Go with the flow, како песната на Queens of the Stone Age?
-Точно така, заради тоа што QOTSA ми е омилен бенд, а насловот на песната и самиот збор Go with the flow е моето животно мото.
>> Блогерите добија голема модна моќ изминативе години. Дали сето ова внимание е заслужено и кои се топ-блогери според тебе од кои најмногу учиш?
-Мислам дека е заслужено, треба да се менуваат работите во тој поглет во модата. Блогерите потегнаа и нов бран на модни дизајнери, модели и магазини. Треба да се остане свеж во модата, нема да биде интересно ако нема промени и нови фаци во тој поглед. А за топ-блогери не можам да се одлучам, заради тоа што секоја година излегува некој нов и интересен блогер што го следам.
>> Дали ги следиш македонските модни блогови, колку меѓу нив има доследни и квалитетни поединци од кои има што да се дознае, научи, види?
-Да, ги следам. Не редовно како странските, но имаме пар добри блогови, а еден од нив е и Skopje Casual. Одличен блог. Сите што сакаат да направат или што веќе имаат свој блог, би ги советувала да бидат свои. Знам дека е клише тој муабет, ама мораш да се издвоиш од толпата со својата оргиналност, дури и во оваа таканаречена блогерска култура.
>>Неодамна соработуваше со Драган Христов од Ludus на фотосесијата за новата колекција. Која беше твојата задача на сесијата и колку те исполнува активното инволвирање во модата како стилист, дизајнер, советник, модел…?
- Драган ме повика за помош и поддршка на неговата фотосесија и прифатив со задоволство, немав некоја конкретна задача, може да се нарече стилист, а може и советник. Сакам кога сум инволвирана во вакви проекти.
>>Во таа линија е и ангажманот на фотосесијата на Горан Костовски – Indog, каде што, пак, се појави како модел. Какво искуство беше ова за тебе и колку моделството ти е блиско и интересно?
-Да, го имав моето прво искуство како модел за Celebrate Life на Indog. Тоа беше одлично искуство. Фасцинирана сум од него и од неговата позитивна енергија и нормално заради тоа и прифатив да бидам дел од оваа колаборација. Прекрасно поминато саботно попладне!
>>Каква е твојата професионалан поврзаност со модата или дизајнот. Во која насока беше твојата едукација и со што се занимаваш од 9 до 17?
-Завршив средно уметничко училиште, класа моден дизајн, но се одлучив за факултет во друга област. Во моментот не работам ништо поврзано со мода, едноставно мојот блог е филтер за тоа.
>>Кои се парчињата од мозаикот на твојот моден стил. Кој и што има најмногу влијание во градење на твојот моден идентитет?
-Надворешните влианија се најбитни од сè. Што конзумираш, тоа проектираш кога станува збор за стилот. Пред сè, мојата најголема инспирација е музиката, а понатаму сè друго.
>> Кое ти е најраното сеќавање од детството поврзано со модата. Кога сфати дека облеката е повеќе од парче што ќе те покрие и дека е нешто преку што можеш да се изразиш ?
-Ахх, ова треба мајка ми да го одговори. Значи од мала сум фанатик за мода и детали. Не знам, од кога точно сфатив, ама мислам дека ми е вродена мана.
>> Колку твојот личен стил претрпе промени низ годините?
-Многу!!! И убаво ми е што сум се менувала. Сум имала јас секакви фази, мислам дека уште тлеат во мене, нема никогаш да ги изгубам . Има моменти кога ќе се видам на старите фотографии и ќе си кажам „Зошто?“. Ама не се срамам од ништо што сум поминала, тоа е дел од растењето на човекот и од градењето на неговата самодоверба. Никој не треба да се срами со тоа што бил, зашто понатаму во животот никогаш нема да стане тоа што сака да биде.
>> Колку си склона кон трансформации на косата, која е најнеобичната фризура, форма и боја што си ја имала?
-Порано ја менував форма и боја на коса многу често, можеби еднаш во три месеци. Мислам дека секоја боја ја имам пробано на мојава коса и секоја фризура на планетава, а во овој период од сум станалу малке конзервативна и не експериментирам како порано .
>> Со пет зборови, како би го дефинирала својот стил на облекување денеска .
Релаксиран, спонтан, едноставен ,софистициран и неоптоварен.
>> Колку често во продавниците знаеш да го посетиш машкиот оддел и да набавиш од таму некое парче што го прилагодуваш на својот стил? Што те фасцинира од машката облека?
-Многу често. Обожавам машки маици и кошули и се дел од мојата гардероба. Ја сакам таа едноставна линија која ја има машката облека.
>> Кој ти е омилен домашен, а кој светски дизајнер (бренд) на облека? А од која етикета имаш најмногу модели, во кој бренд најмногу се пронаоѓаш?
-Ludus ми е број 1 од нашите брендови, а од странските речиси сите high-street етикети, кои се многу и ги има доста во мојот гардеробер.
>> Со кои додатоци го комплетираш својот имиџ, кои ти се фаворити сезонава?
-Нормално, топол волнен капут и добар чифт кожени чизми.
>> Една од најголемите пасии на жените се чевлите. Но која е твојата? Од кое модно парче имаш најголема колекција дома?
-Тоа е тоа … Само што мојата пасија се чизми и летни гладиаторски сандали.
>> Со огледа на слабата понуда кај нас, од каде најчесто купуваш облака и накит и кој град за тебе е модно идеаелен, каде уличната мода според тебе е најубава?
-Да, нашата скопска понудата не е за фалење. ама се наоѓа нешто. Било и полошо порано. Во последно време најмногу купувам од интернет, ако барам нешто уникатно, а сè друго имаме и тука. Лондон дефинитивно ми е градот за улична мода.
>>Кој ти е најголема модна икона ?
-Имам три модни икони, т.е. жени што ме фасцинираат. Првата е Кејт Мос, со која што сум израсната, секоја нејзина тансформација, ја чуствувам како моја :). Втората ми е Деби Хари од „Блонди“. Таа ми е ултимејт лик. Третата е Катрин Денев, која е симбол за класична убавина и доза на ладна мистериозност.
>>Која боја, модел, стил или парче ти се хит оваа сезона?
-Црна и бела комбинација, едноставна линија, кожена моторџиска јакна и кратки моторџиски чизми и парче метален накит.
Нема коментари