Белгискиот дизајнер Раф Симонс после ангажманот во „Диор“ стана креативен директор на Келвин Клајн и вчера ја одржа првата модна ревија со женската и машката колекција за оваа иконска американска модна куќа. Ревијата што се одржа во рамките на Њујоршката модна недела Симонс ја почна и заврши со џез-фјужн верзија на песната This is Not America на Дејвид Боуви, како знак на отпор спрема актуелната американска политика, а дизајнерот рече дека оваа колекција се однесува на единство, прифаќање и славење на различни индивидуи – токму каква што е Америка. И Раф како и повеќето креатори од американската сцена ја повикаа публиката и јавноста да носат бела бандана марама, како знак на поддршка на #tiedtogether иницијативата на Business of Fashion.
Прикажувањето на деби колекцијата на Симонс за Келвин Клајн во првите редови ги собра славните холивудски и модни ѕвезди. Ревијата ја проследија Гвинет Палтроу, Џулиен Мур, Сара Цесика Паркер Лорен Хатон, Брук Шилдс, a младата актерска ѕвезда Мили Боби Браун, заштитно лице на Келвин Клајн, се дружеше со своите колешки и со уредничката на Vogue, Ана Винтур.
Симонс во колекцијата за есен-зима 2017/18 прикажа класични и едноставни кроеви, костуми и рамни панталони за мажи и жени, но и креации кои може да ги носат како мажите, така и жените. Во колекцијата вметна и плетиво, графички преклопи, ПВЦ ткаенина, каубојки, здолниште со мотив на американското знаме, се разбира и џинс, а на ревијата беше изложена и уметничка инсталација од еден омилените уметници на Симонс, Стерлинг Руби.
Нема коментари