„Каква емоција предизвикува кај вас, кога ќе размислите на одредена боја?
Емоцијата, како психички процес што го изразува човековиот однос кон предметите, настаните и другите луѓе, но и неговиот однос кон самиот себе, кон сопствените постапки и доживувања.
Бојата пак од друга страна, има толку силна моќ лесно да пренесе одредена емоција. Среќа, тага, страв, бес…“
Со овие размисли модниот дизајнер Мите Занов почна да ја создава колекиција наречена Dedicated за која вели дека е инспирирана и водена токму од емоциите. Креациите за есен-зима 2018/19 содржат драматичност и авангарден израз, а зад моделите со нагласен волумен и доза на провокативност се кријат размични емоции и различни животни приказни. Доминира страствената црвена боја, која одлично се меша со црната, а дизајнерот воведува и поинтензивни нијанси на жолта и портокалова, како и кариран дезен. Занов со оваа колекција претставена на ревија во „Јавна соба“ прикажа уште поголема смелост во слободното третирање на формите и текстурите, додека ги задржува некои елементи препознатливи во неговиот стил, како струкстурални и нагласени кроеви. Стајлингот е заокружен со рачно насликани високи чизми.
-Рачната изработка, рачно сликаните парчиња облека, секој од нив е со посебна посвета, а целата колекција е посветена на мојот херој, сила и љубов, посветена е на мојата мајка – ни откри Занов.
За прв пат со презентацијата на своја колекција ќе биде претставена и колекција на накит, која ги изработи сестрата на Мите, Ели Занова, која стои позади брендот “L”-handmade jewellery and accessories.
-Карактеристично за оваа колекција е уметничкиот дух, интимноста и пристапот на самите модели – изјави тој.
Нема коментари