Низ тринаесет модни фотографии и под името „Дојран ресорт“ поставени на големи паноа долж градската плажа во Стар Дојран, од вчера (02.07) туристите ќе се информираат за историските обележја на Општина Дојран.
Градската Саат-кула, Старата Шеова чешма, и црквата „Св. Илија“ се некои од локациите на кои позираа манекенките од модната агенција „Подиум“ Ивана Гелева, Александра Наумова и Симона Ангеловска, облечени во креации на македонски дизајнери.
-Ова е навистина е нешто ново што се нема случено во Дојран и главниот впечаток е дека станува збор за мошне интересен начин за промовирање и презентирање на убавините на Дојран од една страна меѓутоа и културно и уметничкичките атракции на еден сосема различен начин, непосреден, преку кој може да се види, прочита и да се научи нешто повеќе за Дојран – вели градоначалникот на Опшина Дојран, Борче Стамов.
Моделите на фотографиите ги носат креациите и модните додатоци на MCouture by Mila Kadriu, Јована Филиповиќ, Ирина Тошева, Олгица Ѓоргиева, ФА- БУ, Викторија Арсовска, Emili Exclusive Design, EM Fashion Design, Farina’s handmade и SOFIJAFILIGRANSKA.
За шминката и фризурата се погрижи Јована Коциќ од Dream In Kohlor. Фотографиите ги потпишуваат Ани и Дими, а графичкиот дизајн на проектот „Дојран ресорт“ го потпишува Дејан Зафировски.
Изложбата е во организација на Општина Дојран и продукција на Моден викенд Скопје.
Нема коментари