Борбата против ракот на дојка значи да не се предаваш, да не се откажуваш, и да не заборавиш дека постои живот и после болеста
Во неделата на 7 октомври во Градскиот парк, традиционалниот марш за борба против ракот на дојка во организација на козметичката куќа Авон, здружението Борка, и американската амбасада во Македoнија уште еднаш не’ потсети дека само заедно можеме да се избориме со ракот, а меѓусебната поддршка, помош и едукација е најсилното оружје со кое ќе им покажеме на оние кои се борат дека не се сами.
Многу насмеани лица, борки, преживеани и победници се собраа на едно место да им дадат љубов и поддршка на сите оние кои директно и индиректно се соочуваат со ракот. Многу јавни личности, меѓу кои и пејачките Каролина Гочева, Елена Ристеска, Бени Шаќири, Маја Гроздановска-Панчева, американскиот амбасадор Џес Бејли и многу други го поддржаа настанот со своите говори и настапи, а присутните имаа можност директно да се едуцираат, но и да помогнат во борбата преку интересната програма која беше понудена.
Свој дел зема и познатиот академски сликар Тони Шулајковски кој ни покажа дека шминката и воопшто козметиката може да има своја поинаква употребна вредност. Па така со кармините, руменилата и лаковите на Авон создаде прекрасни уметнички дела кои ќе бидат донирани во Дневниот центар за поддршка и советување на пациентите заболени од рак на дојка.
“Ракот на дојка не е розов, но овој ден ние го боиме во розово за да покажеме дека нема да му се предадеме. Заедно ќе се бориме и ќе победиме, со едукација, волја и меѓусебна поддршка” , изјави Биба Додева, претседател на Борка.
Во кампањата “Допирај се розово” во чиј знак беше годинешниот марш, компанијата Авон лансираше видео-туторијал за самопреглед на дојки, кој е посебно важен за секоја жена. Истиот можете да го погледнете, но и да го споделите со вашите мајки, сестри и пријателки.
Нема коментари