Киборзите ја освоија модната писта кај „Шанел“. Карл Лагерфелд, креативец позади париската модна куќа, откако креираше супермаркет, аеродром и казино, овојпат модната писта ја претвори во огромен дигитален центар за процесирање податоци, и во таа сценографија со сервери и кабли ја прикажа новата „Шанел“ колекција за пролет-лето 2017. Научно-фантастичниот спектакл почна со две манекенки со футуристични бели шлемови на главата, нешто помеѓу „Војна на ѕвездите“ и „Дафт панк“, а таа футуристична нота следи низ целата колекција. Облеката од колекцијата е инспирирана од новата технологија, но и од класичните сакоа од букле, базичните твид фустани, и накитот со мотив на камелија. Низ класиците на „Шанел“ дизајнерот вметнува сребрени конци и модерни детали кои реферираат технолошката тема. Има многу боја, проѕирни блузи, штеповани елементи, кратки здолништа, крој во А-линија, лелеави долги фустани и графички шари. Лагерфелд, 83-годишниот креатор кој е на челното место во „Шанел“ од 1983 година, се наврати на основите на куќата, но и во исто време погледна кон иднината, и со оваа колекција испрати порака до своите милениумски фанови, кои информациите ги „голтаат“ од Snapchat, Instagram и Google.
Нема коментари