Данкињата Аника Ван Холт, поранешна манекенка и сега писателка со свој блог, е препознатлива по својата долга, седа коса, една од причините поради која е доста популарна на социјалните мрежи. Но, покрај хипнотизирачката коса, таа има добро изграден стил кој се темели на минимализам, и кој се отсликува не само во модата и облеката што ја носи, туку и во нејзиниот дом во Копенгахен. Таа во данскиот главен град живее неколку месеци во годината, додека остатокот заедно со сопругот и синот ги поминува на Бахамите. Така барем може да заклучиме од нејзиниот профил на Инстаграм на кој најдовме многу инспиративни фотографии, но да се сконцентрираме на домот во Копенхаген – простран и добро осветлен реновиран стан во центарот на градот, во историскиот дел наречен Остербро.
Сместен во зграда стара 120 години, станот на Аника е комплетно реновиран, но оставени се некои елементи од стариот стил, за да се задржи оригиналниот шарм. Уредувањето е дело на Аника и е мешавина на нордиски и минималистички стил, и од него заклучивме дека сака мода, уредување, дизајн и фотографија. „Верна сум на својот минималистички стил, не поднесувам неред и натрупаност, иако имам многу работи. Сакам монохроматска палета, но исто така и контрасти, ги обожавам споевите на винтиџ со модерно, женствено со мажествено, едноставно со грубо, светкаво со мат… И мојата куќа е одраз на тоа, има многу на црно и бело, со повремени изливи на боја во форма на перници или цвеќиња. Мислам дека белата позадина смирува. Исто така ги исфрлив сите непотребни и некорисни работи. Не ги следам трендовите, тие доаѓаат и си одат. Сакам мојот дом да ги отсликува индивидуалноста и живот внатре, и кои дозволуваат мешавина на стилови и на дизајнерски периоди“, вели Аника.
Минимализмот на Аника е разигран не само со акценти во боја, туку и со неколку декоративни моменти кои зборуваат за таа нејзина пасија кон контрастите, а во форма на старински златни рамки, оригиналните врати, сосема нееднакви столици на трпезариската маса, големи светилки или ретро парчиња на мебел.
Нема коментари