Со текот на времето, сè повеќе модни имиња се откажуваат од вистинското крзно и креират користејќи вештачко. Стела Макартни како вегетаријанка уште од мала никогаш не употребувала вистинско крзно или кожа во своите дизајни, а во минативе месеци луксузните модни куќи „Гучи“, Келвин Клајн, Ралф Лорен, Армани и Томи Хилфигер рекоа „не“ за производството на облека од вистинско крзно. Забележано е дека расте бројот на луѓе кои се прклучуваат на трендот на еко-мода, како и оние кои го осудуваат убивањето на животните за нивното крзно.
Крзното со векови се користело за облека, потоа долг период се сметало за симбол на луксуз, а за некои е потврда за нивната социјална и финансиска состојба. Но во 21-от век расте освестеноста за заштита на животние, како и за тоа каква облека носиме и колку таа ги задоволува современите етички принципи. Во денешно време носењето на бунда од вистинско крзно дури се смета за невкус, а модните брендови сè повеќе претставуваат модели со имитација на крзно.
Во овој контекс реагираше и норвешката влада, која најави дека до 2025 година ќе ги затвори сите фарми за лисици и видри кои се специјализирани за крзно за потребите на модата. Тоа значи дека треба да се затворат 340 фарми во Норвешка кои годишно одгледуваат и убиваат милион лисици и видри. Потегот ги обесхрабри производителите и ги израдува борците за правата на животните. Особено среќни се од Норвешката организација за заштита на животните (NOAH), кои веќе 28 години се борат за ваква одлука.
Овој закон значи спас за милиони животни кои би се родиле и животот би го поминале во тесни кафези, чекајќи ред за смрт со задушување или со струја, за потребите на некаква си мода. Со ова Норвешка ќе стане 14-тата држава која го забранува производството на крзно. Забраната треба да биде усвоена во парламентот, но се смета дека ќе биде изгласана од страна на повеќето политички партии. Се надеваме дека носењето вистинско крзно на крајот ќе стане комплетно демоде.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари