Дизајнерите на брендот Monse, Лора Ким и Фернандо Гарсија, на Њујоршката модна недела ја прикажаа својата прва колекција за Оскар де ла Рента, наменета за есен-зима 2017/18, почнувајќи нова ера во оваа американска модна куќа. Но, Ким и Гарсија се одлучија за 2-во-1 ревија и покрај креациите со потпис на Оскар де ла Рента, ја прикажаа и новата колекција на Monse.
Дизајнерите долго време работеа со Оскар де ла Рента, но сега првпат се претставуваат како главни дизајнери на куќата. Тие внесуваат нова свежина и современост преку колекцијата од црн комбинезон, добро скроени елегантни панталони, структурирани сакоа и палта, потоа креации во кои се внесува волумен, црвена и други поинтензивни бои, светкави ткаенини и сребрен вез, како и серија на модерни фустани кои се поразлични од класичните и раскошни вечерни тоалети карактеристични за де ла Рента.
Колекцијата на Monse пак ја следи личната естетика на Лора Ким и Фернандо Гарсија – полна со иновативни кроеви, доза на деконтрукција, расцепи, преклопи и асиметрија, кадифени фустани со шљокици и ремени како главен детаљ.
Нема коментари