Фотографот Марио Соренти деновиве ја сними новата кампања за есен-зима 2017 на шпанскиот бренд „Манго“, во која креациите ги носат славните Оливие Мартинез, Амбер Валета и Фреја Беха Ериксен. Дел од кампањата се и младите модели Ана Еверс и Јегор Венет. Комбинациите за фотосесијата ги направи стилистката Александра Ворониецка.
Женската колекција на „Манго“ за претстојната есен е микс од женствени силуети и машки кроеви. Од една страна, застапени се тесни кратки фустани со карнери и набори, кои ја истакнуваат женственоста, а од друга се палта и капути со нагласен волумен и костуми инспирирани од машкиот ормар. Линијата содржи кошули и фустани со лелеави ракави и карнери, кожено здолниште со патент, палто и панталони од кадифе, волнен долг капут, како и кожена јакна. Доминираат неколку нијанси на жолтата, вино-црвена, темносина, сребрена и војничко зелена боја.
Во машката колекција има ретро кроеви и освежување на некои од најбазичните и најносени машки парчиња, како црни фармерки и блузон, авијатичарска јакна со крзно, еднобоен костум, мантил и парка во маслинесто зелена боја. Застапени се и капут со каро шара, џемпер и ролка.
Нема коментари