Пролетното издание на Моден викенд-Скопје беше заокружено вчеравечер со ревијата на Олгица Ѓоргиева за нејзината нова колекција Destination. Нејзината нова модна дестинација е Јапонија, а инспирација книгата „Мемоарите на една гејша“ од Артур Голден. Колекцијата инспирирана од една книга и презентирана во Универзитетска библиотека Олгица одлучи да ја отвори со мал перформанс на моделка облечена како гејша, која на пистата ги имитираше ситни и деликатни движења на една гејша. Потоа се редеа манекенките облечени во новата колекција на Ѓоргиева. Иако изгледот на гејшите не е минималистички, и се базира на шарени кимона, раскошни оби-појаси и интензивна шминка, во наративот на дизајнерката тој е минималистички, прочистен и во бела боја.
Модерните гејши на Ѓоргиева носат современа облека која е трендовски стилизирана. Иако се инспирирани од впечатливи костими, дизајнерката ја избегнала замката да направи костимизирана облека, туку креирала парчиња што се носливи и лесно се комбинираат дури и други стилови. Трагите од гејшата се читаат во цветовите насликани на тканенините или во 3Д форма аплицирани на облеката, во кимоно кројот кој се забалежува во ракавите и во блузите и здолништата на плеклоп, во новата верзија на оби-појасот споен со современи парчиња. Во позадина на ревијата одеше музиката и дијалози од филмската верзија на „Мемоарите на една гејша“ од 2005 година. (К.Т.)
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари