Во финишот на Париската недела на висока мода дизајнерот Пјерпаоло Пичоли ја претстави есенската колекција на модната куќа „Валентино“ во која повторно нè запозна со познатата силуета – фустанати од сатен и тафта со раскошни здолништа, апликации, карнери, пердуви и со препознатливото драпирање наследено од основачот Валентино Гаравани.
Со звуците на аријата „Каста дива“ почна дефилето со првиот излез – сина свилена креација и волуменозна наметка со сложена интарзија за која биле потребни 1.120 часа рачна работа. Овој впечатлив модел нè воведе во модното шоу во кои доминираа креации во кои Пичоли си игра со драматични пропорции.
Раскошни тоалети со вез и апликации, фустани во интензивни бои (како дречливо розовата, боја што ја забележавме во повеќе колекции сезонава), комплети со широки панталони, шарени наметки… се дел од колекцијата. Во финалето се појави младата Каја Гербер облечена во фустан од пердуви и со високо натапирана коса за уште повеќе драма.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари