Уметницата и дизајнерка на филигран Марија Милошевска денеска го почнува перформансот MOVE WITH (OUT) – Јас сум… Скопје, дел од номадскиот проект на Something Human MOVE WITH (OUT), кој по Берлин, Лондон, Рим, Венеција, Белград, Сингапур и Будимпешта, го посетува Скопје. MOVE WITH (OUT) – Јас сум… Скопје е перформанс во два дела, кој се протега од постарата граница и крстосница на градот, северната страна на Камениот мост, пред да почне да се движи јужно, за да ја премине Старата чаршија и да стигне до галеријата Чифте амам. Овој перформанс ги истражува врските помеѓу поединечните и колективните спомени за градот преку практиката на уметникот, за да се истражат комплексните врски помеѓу личните приказни и историјата. Во 17.30 часот почнува јавен перформанс на платото пред стоковна куќа „Мост“, на влезот од Старата скопска чаршија и ќе трае до 17.30, а во 22 часот почнува главниот перформанс на платото на Чифте амам. Дел од проектот е дебата со уметници и куратори, што ќе се одржи утре, 11 септември, од 18 до 20 часот во културниот центар „Кула“.
МОVE WITH (OUT) е патувачки проект што ги истражува идеите за тоа што е дом. Земајќи го предвид сè понестабилниот глобален економски пејзаж, изложбата и уметничката интервенција во живо, која е приспособена на локацијата, ги истражуваат амбивалентните односи помеѓу внатрешноста и надворешноста кога станува збор за прашањата на идентитетот, границата и миграциите, припаѓањето и копнежот и на тензиите од навигацијата меѓу различните сфери. Уметници кои учествувале во проектот: Nicola Anthony, Zsuzsa Bakonyi, Caroline Christie and Bobby Lloyd, Sarah Choo Jing, John Clang, Mauro De Giorgi, Adolfina De Stefani, Nina Feldman, Valerie Grove, Amanda Gutierrez, Howard Hardiman, Gloria Houng, The Huddle, Lynn Lu, Jakrawal Nilthamrong, Bill Psarras, Ana Rodić, Carlo Michele Schirinzi, ShakinArt, Samin Son, Malvina Tan, Ines Von Bonhorst, Jason Wee.
Нема коментари