Книгата „Градот и идентитетот – филмски репрезентации“ од авторката Елена Копртла ќе биде промовирана на 6 април, четврток, во 18.30 часот во локалот „Бруталиск“ (Илинденска 38А). Делото е во издание на издавачката куќа „Чудна шума“, а а промоцијата ќе ја водат Ивана Васева и Влатко Галевски.
Од „Чудна шума“ истакнуваат дека целта на оваа книга е да поттикне историско разбирање на филмските интерпретации на градот и идентитетот на градските средини. „Урбаниот идентитет е идеја блиско поврзана со вистинскиот или со идеалниот пејзаж. Етничкиот идентитет е оној што го обликува урбаниот, како и стремежот кон идеалниот идентитет, и е производ што е подложен на интерпретации кај поединецот и институциите во одреден културен контекст.“
„Анализата на филмскиот град ги обединува историјата на уметноста, архитектурата, антропологијата, урбаните и социолошките студии, а филмскиот пејзаж се протега далеку зад екранот, за да се преиспита како преку своите пејзажи го прераскажуваме својот идентитет и како го дефинираме својот опсег во глобалната филмска заедница“, истакнуваат оттаму.
Од „Чудна шума“ објаснуваат дека зголемениот интерес за просторно-идентитетските феномени ќе придонесе за интересот за урбанитетот и во македонската кинематографија, каде што урбаното најчесто е препознаено и анализирано како спротивност на руралното и фолклорното, и како она што се наоѓа помеѓу екстремите на филмските замисли на неосоцреализмот и космополитскиот урбанизам на балканските метрополи.
Нема коментари