Седма година по ред се доделуваат наградите РЕГПАК за најдобра амбалажа на регионалниот пазар, каде што во 17 номинации учествуваа повеќе од 80 производи од Хрватска, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија. Годинешните признанија беа врачени на 12 мај, во хотелот „Шератон“ во Загреб. Македонски совет за дизајн и оваа година ги номинираше македонските натпреварувачи, а Гордана Вренцоска, уметник, графички и моден дизајнер и професор на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет, беше наш претставник во меѓународното стручно жири. Во согласност со критериумите на конкурентноста на РЕГПАК доделени се две награди – стручното жири одлучи дека најдобра е амбалажата на вината „Под Зидот“ (Pod Zidom) на Сенор добро друштво за комуникација д.о.о. од Хрватска, а втората награда е за Кабинет д.о.о. од Србија, за серијата етикети за пивото „Кабинет“.
- Наградите РЕГПАК се доделуваат на иницијативана Институтот за амбалажа и печатење „Текстус“од Загреб, како проширување на традиционалните хрватски награди за најдобра амбалажа КРОПАК. Јас сум овластен селектор на РЕГПАК за Р. Македонија, и веќе седма година со големо задоволство ги предлагам номинациите за оваа регионална награда од нашата земја. Можам слободно да кажам дека се чувствува голем напредок во дизајнот на амбалажите на македонските производи од 2010 година до денес. Како член на меѓународното стручно жири, оваа година имав чест да ја доделам наградата на победникот на РЕГПАК за амбалажата на виното „Под Ѕидот“, која ја врачив на креативниот директор на Сенор од Хрватска – Вања Блуменштал. Морам да признаам дека највисоката оценка во процесот на вреднување на номинациите ја доделив на овој производ, што очигледно се совпадна и со оценките на останатите членови на жирито. Се работи за минималистички, концептуален и комуникативен дизајн, што беше добитна комбинација за овој производ“ – изјави Вренцоска за Stylist.mk.
Македонски натпреварувачи оваа година беа Princ Tatli – слатко од смокви во сопственост на Принцип Комерц ДООЕЛ, и вината Private Reserve – premium vines во сопственост на Винаријата Стоби, кои добија признанија за номинациите. Mакедонските компании учествуваат на конкурсот РЕГПАК од 2010 година, промовирајќи ја на тој начин домашната индустрија, како и перцепциите за амбалажата како нераскинлив дел од производот.
Во рамките на настанот доделени се и наградите КРОПАК кои се однесуваат на хрватските производи и наградите ЕКО КРОПАК за образовeн проект и целосен систем за управување со амбалажа и отпадна амбалажа, кои се доделуваат за успешни резултати во областа на заштитата на животната средина. (К.Т.)
Дел од номинираните амбалажи:
Нема коментари